Шахпаска: Ја развиваме социјалната економија затоа што ја поттикнува солидарноста и инклузијата

7

Современото живеење и глобализацијата носат многу сериозни  предизвици и затоа социјалната економија и нејзиниот потенцијал во надминувањето на проблемите со сиромаштија, нееднаквост, невработеност и инклузија, добиваат се поголемо значење. Како Влада и како Министерство за труд и социјална политика ги препознаваме капацитетите на социјалната економија како поттикнувач не само на економската активност, туку и на солидарноста и инклузијата, порача министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, на онлајн конференцијата по повод 70 години од основањето на Економскиот факултет – Скопје, Универзитет Св. Кирил и Методиј.

По тој повод денеска официјално беше отворен Јунус центарот за социјални бизниси, кој е дел од глобалната мрежа на центри за социјални бизниси под името Јунус. На конференцијата се обрати и нобеловецот Мохамед Јонус, кој е лидер во светот во развојот на социјалното претприемништво.

“Отворањето на првиот Јунус Центар во земјава се случува во вистински момент, во момент на криза, кога сеуште не се стабилизирани ефектите од пандемијата КОВИД-19. Токму затоа, неопходно е да се подготвуваме за нови почетоци, за поттикнување на нова економија и нови начини на соработка и развој за што поуспешно и поефикасно да се соочиме и да ги надминеме овие предизвици. Со отворањето на првиот Јунус Центар во земјава се приклучуваме на семејството на 84 Јунус центри кои носат промени во над 25 различни земји. Јунус Центарот е наш партнер во промовирањето на културата на социјално претприемаштво, особено во поглед на обезбедување на пристап до образование за идните социјални претприемачи“, порача министерката Шахпаска.

Таа информираше дека на средината на наредната година ќе биде усвоена и првата Национална Стратегија за Социјалните Претпријатија во земјава, која претставува клучен документ за јавни политики за социјалните претпријатија во земјата и од кој се очекува да поттикне создавање на соодветна средина за социјалните претпријатија.

“Со оваа Стратегија ја поставуваме основата на еден нов систем, каде човечкиот капитал и заштитата на животната средина се приоритет. Развиваме систем во кој економијата ќе работи за доброто на луѓето. Успеавме да развиеме документ низ целосно партиципативен процес кој траеше подолго од 12 месеци и кој подразбираше и зајакнување на капацитетите на јавните институции, бизнис секторот, социјалните претпријатија и актерите кои обезбедуваат поддршка за социјалните претпријатија“, нагласи Шахпаска.

Новиот Закон за социјална заштита, како и новото законско решение за јавни набавки, објасни министерката Шахпаска, овозможуваат пристап за социјалните претпријатија до јавниот пазар, со што се очекува да се создадат добри услови развој на социјалното претприемништво кое пред се ќе обезбеди инклузија и поддршка на оние на кои тоа им е најпотребно.