Шахпаска најави нов начин како да се подобри пензионерскиот стандард

43

И во време на економска и здравствена криза од која беа погодени сите држави во светот, не само нашата, успеавме редовно да ги исплаќаме пензиите на 325.000 пензионери, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во интервју на Утрински брифинг. Таа посочи дека преку пензиската реформа пензиите ќе се усогласуваат и ќе растат бидејќи пензискиот фонд е во стабилна состојба. Според неа економијата постепено ќе закрепнува и со порастот на БДП – за кој постојат сериозни анализи дека ќе биде над 4.1%, пензиите ќе продолжат да растат.

„При крајот на годината ние ќе отвориме расправа за усогласување на методологијата за усогласување на пензиите. Ќе се разгледува нов начин како да се подобри пензионерскиот стандард. Кога ја правиме споредбата на просечните пензии кои се испаќаа во 20217 година, сега тие се зголемени за околу 2.000 денари. Усогласувањето на пензиите ќе продолжи, а она што ние го ветивме дека најниската пензија ќе биде 10.700 денари, ќе го испорачаме“, рече Шахпаска.

Со социјалната реформа на возрасните лица кои не се корисници на пензија и други социјални услуги, обезбеден им е месечен надоместок од 6.000 денари, плус додаток од 1.000 денари, заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, усогласена со порастот на трошоците на живот во претходната година објавени од Државниот завод за статистика. Оваа социјална услуга ја користат 9.446 наши граѓани.

Според министерката Шахпаска борбата против сиромаштијата е високо на владината агенда и на Министерството за труд и социјална политика. Во таа насока последните податоци покажуваат дека невработноста за вториот квартал од 2021 година е на историски најниско ниво од 15,9%. Пред пандемијата во 2019 година, таа изнесуваше 17,2%.

„Владата со 6 -те финансиски пакети се потруди да бидат спасени работни места. Нашата проценките, но и на меѓународни финансиски и други невладини организации, е дека со овие пакети на мерки за заштита се спасиле до 80.000 вработени“, рече Шахпаска.Шахпаска посочи дека со изминети на Законот за стечајци, обезбеден е месечен надомест од 9.242 денари, со што беа опфатени уште 1.100 стечајци.