Шахпаска: Со Новиот Закон за работни односи, се скратува времетраењето на Договорите на определено време  

93

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска во интервјуто на Утрински брифинг, посочи дека очекува од пратениците што побрзо да го донесат законското решение недела неработен ден бидејќи тој е во интерес на сите граѓани.

Таа потсети дека за овој предлог закон кој е во  второ читање на Комисијата за труд и социјална политика, имаше неколку обиди да се отвори амандманска расправа уште пред локалните избори.

Министерката истакна дека интересот за носењето на ова законско решение од страна на граѓаните е огромно.

„До Министерството за труд и социјална политика секојдневно пристигнуваат прашања, кога ќе стапи на сила ова законско решение, од синдикатите исто така. Станува збор за едно законско решение за кое што ние заедно со социјалните партнери во Економско социјалниот совет, го преговаравме преку јавни и широки дебати во општеството, почнувајќи од декември минатата година до сега и е усогласено меѓу социјалните партнери,“ рече Шахпаска.

Со законското решение недела неработен ден осум проценти од работниците ќе работат во недела, за нив е предвидена минимум 50 проценти  повисока дневница, додека пак вработените во  трговските центри ќе работат само една смена  со  100 проценти  повисока дневница. Два проценти од годишниот промет на моловите во недела  е предвидено да оди за изградба на градинки. Ова законско решение претставува баланс меѓу приватниот и професионалниот живот на граѓаните.

Министерката Шахпаска на прашањето околу подготовката на новиот Закон за работни односи посочи дека ова законско решение е подготвено и дека наскоро ќе биде отворена и широка Јавна расправа. Како значајна новина која го носи ова законско решение, таа го посочи скратувањето на времетраењето на Договорите на определено време, кои во моментов се со времетраење до пет години. Барање на работниците кое  со години наназад го очекуваат.

„Со Договорите на определено време, ќе се гарантира поголема сигурност и пристап до права за работниците, а за работодавачите овие договори генерираат задоволни работници. Во подготовката на новиот Закон за работни односи, учествуваа сите чинители во општеството,  претставници на работниците, работодавачите, Меѓународната организација на трудот, експерти од областа на трудот. Во социјалниот дијалог нема победници и поразени, туку целта е да се постигне компромис  меѓу сите засегнати страни, “ рече Шахпаска.

Министерката Шахпаска во интервјуто за Утрински брифинг, истакна и дека со излезот од пандемијата ќе расте и БДП, што ќе допринесе и до раст на платите. Потенцираше и дека Владата функционира непречено согласно обврските и се она што претставува потреба на граѓаните.