Винарија Стоби со своето бело вино, Шардоне барик од берба 2013 година, стана севкупен шампион во категоријата на бели вина на 56-тото меѓународно оценување на вина, Вино Љубљана 2014, во Словенија.
На дегустацијата имаше 310 мостри на вина од 19 земји од Европа, меѓу кои и најголемите производители на вино, Италија, Словенија, Австрија, Германија, Хрватска, Унгарија, Србија, Македонија…
Оценувањето на вината го правеше меѓународната организација за лозарство и винарство (OIV, Organisation Interantional du Vin), како и Интернационалната унија на енолози UIOE (Union International des oenologues). Присутни беа 40 дегустатори од единаесет држави, претежно од Европа, а имаше дегустатори и од САД и Канада.
„Успехот на Шардоне барик е подеднакво огромен успех и за Винарија Стоби, но и за Македонија воопшто. Она што и дава уште поголема тежина на оваа награда е фактот што Винарија Стоби успеа да направи континуитет како во бербите, така и во наградите, бидејќи и минатата година на меѓународното оценување во Горна Радгона, Р. Словенија, нашата винарија беше шампион во категоријата на бели вина со истото вино, Шардоне Барик берба 2012. Имајќи го предвид фактот дека секоја берба е различна од другата, ова претставува огромен успех за Винарија Стоби како и потврда на нашата винска филозофија, да постигнеме совршенство при креирањето на нашите вина“, изјави Дане Јованов, директор на Винарија Стоби.
Покрај шампионската титула за Шардоне барик, во категоријата на црвени вина Винарија Стоби доби златен медал за квалитет за вината Аминта берба 2011 и Вранец Веритас берба 2011.
Натпреварувањето Вино Љубљана е едно од најстарите меѓународни оценувања на вино во светот воопшто. Оваа година беше 56-тото издание, а во почетокот на септември ќе се одржи и 50-от меѓународен саем за вино, исто така во Љубљана.