Шеф сте? Овие работи никогаш не им ги кажувајте на вработените

381

Имате одговорна позиција на работа и од вас зависат многу одлуки што треба да бидат донесени, во ваши раце е координацијата на тимовите, вие го имате последниот збор во компанијата… Сето тоа е во описот на работно место – шеф, но вистинскиот шеф и покрај сите притисоци, рокови и стресови, не смее да си дозволи ова да им го каже на своите вработени:

Сега немам време

Иако од сите страни ве притискаат обврски, надредени, колеги, соработници… вие како одговорно лице мора добро да се координирате и да најдете време за вашите колеги. Се разбира, приоритети мора да постојат, но сосема е погрешно да ги “откачите“ со изговор дека сега немате време. Бидете поучтиви, извинете им се и кажете им дека по завршување на телефонскиот разговор, состанок или нешто сосема трето, ќе се видите со нив и ќе разговарате.

Така ќе биде затоа што јас така сакам

Иако мора да го одржувате авторитетот меѓу колегите, да дадете до знаење дека сепак на крајот одлуката е во ваши раце, сепак не треба да ги отфрлате нивните идеи или предлози. Имајте доверба во вашите колеги, бидејќи и тие напорно работат за да ги обезбедат потребните информации што ќе ви бидат потребни на следниот состанок со важен клиент. Ако сте цврсто решени за одлуката што сте ја донесе, убаво и со факти објаснете им на колегите зошто вашиот пристап е најсоодветен. Никогаш не ја употребувајте фразата “Така ќе биде затоа што јас сакам“, бидејќи така можете да наидете на уште поголем отпор кај колегите.

Работиш погрешно, а тоа скапо ќе нè чини

Нормално е да се направат грешки во текот на работата. Доколку на убав начин им посочите на колегите да бидат повнимателни, тие најверојатно нема да ја повторат истата грешка, но ако со остар тон им кажете дека тоа што го прават е погрешно и скапо ќе ја чини компанијата, не очекувајте дека веднаш работите ќе се променат. Најважна е комуникацијата и потребата од изнаоѓање заеднички јазик и соработка за доброто на компанијата.

Не разбираш

Оваа фраза не им се кажува ниту на мали деца, а камоли на возрасни луѓе со коишто работите заедно. Дури и да забележите дека колегата во тој момент не ве разбира, не го сфаќа она што го кажувате или барате да биде завршено, немојте да посегнувате по “тешкиот“ речник. Наместо “не разбираш“, пробајте со “колега, можеби не се изразив добро, но јас за тоа мислам…“. Играта со зборови може да ви помогне да бидете повнимателни и да не дозволите некој да се почувствува навреден или понижен.

Остави, јас ќе го направам тоа

Ако сте добар менаџер, тогаш веќе добро сте ги изделегирале сите обврски и работни задачи, па ваша работа е да го надгледувате процесот на работа и да исконтролирате. Доколку забележите дека нешто не е во ред, дајте им до знаење на колегите каде грешат, дајте им насоки, помогнете им, вклучете се во процесот на работа, но не го правете тоа со зборовите “Остави, јас ќе го направам тоа“. Така може работникот да се почувствува понижен или да ја заврти таа фраза во негова корист и да одбива да работи, штом ќе знае дека има кој да сработи место него.

Фото: Freepik