Шефицата на ЕЦБ:Состојбата на економијата годинава ќе биде подобра од очекуваното

64

Според претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, состојбата на економијата во еврозоната годинава ќе биде многу подобра од очекуваното.
„Економските вести беа многу попозитивни во последните неколку недели“, истакна таа на Светскиот економски форум во Давос.

Реториката се претвори од разговор за рецесија во разговор за помала контракција, рече Лагард, додавајќи дека поголемите економии како Германија може дури и да избегнат контракција.

ЕЦБ годинава предвидува економски раст во еврозоната од 0,5 отсто. „Не можеме да кажеме дека сме во исклучителна година, но се наоѓаме во многу подобра отколку што се плашевме“, изјави претседателот на централната монетарна институција во еврозоната, пренесува француската новинска агенција АФП.

Умерениот оптимизам доаѓа во време кога високите цени на енергијата, кои вртоглаво пораснаа минатата година поради војната во Украина, почнаа да паѓаат. На стравот од недостаток на гас помогна и благата зима, додава АФП.

Токму на сметка на пониските цени на енергенсите се намали инфлацијата во еврозоната откако во октомври достигна врв од 10,6 отсто. Во декември таа изнесуваше 9,2 отсто. Лагард предупреди дека бројката е сè уште „премногу висока“.

Во борбата против високата инфлација, ЕЦБ од јули минатата година ја зголеми основната каматна стапка за 2,5 процентни поени. Според претседателот на ЕЦБ, зголемувањето ќе продолжи со цел инфлацијата да се намали на два отсто. Остануваме на тој пат“, беше јасна таа во Давос.