Шефицата на ММФ предупреди на ризикот од прекумерни отстапки за земјоделците

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, ги предупреди владите на земјите од ЕУ дека, без оглед на повеќенеделните масовни протести низ Европа, не треба премногу финансиски да ги поддржуваат земјоделците.

„Од човечка гледна точка, ги разбирам нивните проблеми и знам дека не е лесно да се работи нивната работа“, изјави Георгиева за новинарите во четвртокот во Вашингтон, пренесе АФП.

„Но, ако тоа чувство опстојува и ги принуди владите да влезат во ќош од кој повеќе нема да можат да го прават она што е неопходно за зајакнување на економијата, ќе дојде момент кога ќе зажалат“, рече Георгиева.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во четвртокот вети одредени отстапки за незадоволните земјоделци – пред сè, укинување на бирократските пречки и пофлексибилна примена на правилата на ЕУ за задолжителниот процент на земјоделско земјиште кое мора да остане необработено.

Исто така, Фон дер Лајен рече дека Комисијата предложила мерки за спречување на неконтролиран раст на увозот на живина, јајца и шеќер од Украина, соопшти Европската комисија.

Таа нагласи дека земјоделците можат да сметаат на поддршката од ЕУ, дека играат витална улога во европската економија и општество, а за земјоделството се издвоени 390 милијарди од повеќегодишниот европски буџет од 2021 до 2027 година, што е речиси третина од вкупниот буџет.

Таа рече и дека минатата година ЕУ обезбедила дополнителна помош од 500 милиони евра за земјоделците кои биле најтешко погодени од кризата.

Директорката на ММФ, Кристалина Георгијева, за новинарите изјави дека разговарала со претставници на многу министерства за финансии и дека сите тие разбираат колку е важна буџетската консолидација, но и „колку е тешко да се спречи поддршката“. Лесно е да се даде, но тешко е да се врати назад“, рече Георгиева.

Во изминатите недели, илјадници земјоделци излегоа на улиците на Германија, Франција, Холандија, Романија, Полска, Италија, Грција и други членки на ЕУ, блокирајќи ги патиштата и градовите со трактори. Во Шпанија и Португалија за февруари се најавени масовни протести.

Главна причина за незадоволството е укинувањето на бројните државни субвенции за земјоделството, главно за дизел и машини, ограничувањата поради политиките на Унијата за борба против климатските промени, како и увозот на поевтини земјоделски производи од земјите кои не се членки на Унијата.