Шефот на AirBnB за технолошкиот пад: „Како сите да сме во ноќен клуб и одеднаш светлата се палат“

80

По години на навидум незапирлив раст, технолошката индустрија моментално се соочува со „крајната проверка на реалноста“ во услови на растечка економска несигурност и бранови на отпуштања, изјави извршниот директор на Airbnb Брајан Чески за CNN.

„Беше како сите да бевме во ноќен клуб и светлата одеднаш се вклучија“, рече Чески во интервју за „CNN This Morning“.

По период на „бујност и еуфорија“, додаде тој, „сега сите треба внимателно да ги погледнеме работите“.

Неговите коментари доаѓаат во тежок момент за технолошката индустрија. Мета, минатата недела објави дека отпушта 11.000 работници, откако речиси ја удвои својата работна сила за време на пандемијата.

Амазон оваа недела потврди дека започнале отпуштања во нејзината корпоративна работна сила, со извештаи дека се планира да се укинат 10.000 работни места. А Twitter неодамна отпушти приближно 50% од својата работна сила.

Airbnb може да биде исклучок. Чески рече дека компанијата во овој момент не планира отпуштања и дека всушност вработува. Но, тоа е во голема мера затоа што компанијата отпушти 25 проценти од својот персонал на почетокот на пандемијата, бидејќи туристичката индустрија беше уништена.

„Пред две и пол години изгубивме 80% од нашиот бизнис за осум недели“, рече Чески. „Луѓето предвидуваа дека ќе згаснеме.

Само што се стабилизиравме“, додаде тој. „Ја обновивме компанијата од темел. Сега, рече Чески, „притискаме на гас, а не на сопирачки“.

Иако трендот што влијае на поголемиот дел од Силиконската долина е болен, Чески сугерираше дека поприсебно преиспитување на индустријата, исто така, може да обезбеди можност за технолошкиот сектор да го преиспита своето место во општеството, по години критики за влијанието што неговите производи можат да го имаат врз луѓето.

„Мислам дека Силиконската долина направи толку многу неверојатни работи за светот, но мораме да бидеме внимателни со фетишизацијата на новата технологија, како новата технологија да ги реши сите проблеми. Ни треба повеќе разновидност во Силиконската долина, но таа разновидност не треба да биде само демографска разновидност. Ни требаат уметници, хуманисти во оваа индустрија“, посочи Чески.