Шефот на Алфабет предупредува:„Ниту една компанија нема да биде имуна ако пукне BИ-балонот“

Сите компании би биле погодени доколку пукне балонот со вештачката интелигенција, изјави за Би-би-си Њуз шефот на Алфабет – матичната компанија на Гугл.

Во ексклузивно интервју за Би-би-си Њуз, Сундар Пичаи рече дека иако растот на инвестициите во вештачката интелигенција (ВИ) бил „екстраординарен момент“, во сегашниот бум на ВИ има одредена „ирационалност“.

Ова доаѓа во време кога во Силиконската Долина и пошироко постојат стравувања од балон, бидејќи вредноста на компаниите за ВИ-технологии драматично порасна во последните месеци, а компаниите трошат огромни суми на оваа индустрија што брзо се развива.

На прашањето дали Гугл би бил имун на последиците од пукање на балонот со ВИ, Пичаи рече дека технолошкиот гигант би можел да го преброди тој потенцијален удар, но издаде и предупредување.

– Мислам дека ниедна компанија нема да биде имуна, вклучително и ние – рече тој.

Во опширното ексклузивно интервју во седиштето на Гугл во Калифорнија, тој се осврна и на потребите од енергија, на забавувањето на климатските цели, инвестициите во Обединетото кралство, точноста на неговите модели за ВИ и влијанието на револуцијата на ВИ врз работните места.

Интервјуто доаѓа во момент кога контролата врз состојбата на пазарот на ВИ никогаш не била поинтензивна.

Акциите на Алфабет се удвоија во вредност за седум месеци и достигнаа 3,5 трилиони долари (2,7 трилиони фунти), бидејќи пазарот станува сè поуверен во способноста на гигантот за пребарување да се одбрани од заканата од ОпенАИ (OpenAI), сопственикот на ЧетЏПТ (ChatGPT).