Шефот на банкротираната криптоберза FTX екстрадиран во САД

59

Сем Бенкман-Фрид, поранешниот милијардер и основач на криптоберзата FTX, синоќа од неговиот дом на Бахамите беше екстрадиран во САД, каде се соочува со низа кривични дела за финансиски измами.

„Бенкман-Фрид (30) е под надзор на Федералното биро за истраги (ФБИ) и патува назад во САД“, изјави Демијан Вилсон, обвинител за Јужниот дистрикт на Њујорк.

Според него, обвинетиот ќе се појави пред судија „што е можно поскоро“.

Радиото NPR јави дека Бенкман-Фрид бил пријавен од двајца негови поранешни колеги и пријатели, Керолин Елисон и Гери Ванг, кои исто така се обвинети откако се изјасниле за виновни, а сега соработуваат со истрагата.

Двајцата се обвинети од Комисијата за хартии од вредност и берзи, државен регулатор на Волстрит, за измама на инвеститорите на криптоберзата и соработуваат со истрагата поврзана со активностите на Бенкман-Фрид, со можност да постигнат договор со иследниците за намалени казни.