Шефот на Дојче банк: Високата инфлација бара дополнително зголемување на каматните стапки

102

Извршниот директор на Дојче банк, Кристијан Севинг, смета дека дополнителното зголемување на каматните стапки е „апсолутно“ неопходно во борбата против високата инфлација во еврозоната.
„Инфлациските ризици остануваат високи. Цената на енергијата лесно може повторно да се зголеми, а повторното отворање на Кина исто така може привремено да ги зголеми цените“, изјави Севинг за весникот „Велт ам Зонтаг“.

Европската централна банка на почетокот на февруари петти пат по ред ги зголеми каматните стапки во валутната зона од 20 членки, а за состанокот на 16 март најави дополнително зголемување за нови 0,5 процентни поени.

Во јануари инфлацијата повторно се смири, но потрошувачките цени и понатаму се 8,5% над нивото од истиот месец лани.

Сепак, повисоките каматни стапки на кредитите може да доведат до одложување на инвестициите и послаб економски раст.

Зголемените стапки се товар и за високо задолжените земји од еврозоната како Италија.

„Последиците од постојаната висока инфлација се многу посериозни од повисоките финансиски трошоци за некои земји“, изјави Севинг за Велт ам Зонтаг. „Се разбира, тоа мора да го имаме на ум, но високите нивоа на долг не треба да ја спречуваат ЕЦБ да дејствува доследно.

Ако инфлацијата остане висока, приватната потрошувачка „порано или подоцна ќе пропадне“, предупреди Севинг, кој е и претседател на Здружението на германските банки.

„Тука моментално ја гледам најголемата опасност за германската економија. Но, оптимист сум дека можеме да го избегнеме ова сценарио.

Фото: facebook