Шефот на Geely: Глобалната автомобилска индустрија има сериозен вишок капацитет

Ситуацијата во кинеската индустрија за електрични автомобили во моментов е многу нездрава, со големи загуби и долготрајна ценовна војна што го оптоварува синџирот на снабдување.
Кинескиот „Geely“ сигнализираше дека има намера да го запре проширувањето на производството, а извршниот директор и основач Ли Шуфу оцени дека глобалната автомобилска индустрија има „сериозен вишок капацитет“.

„Geely“ нема да го прошири производството во фабриките, ниту ќе гради нови, рече Ли во саботата.

Минатата недела, кинеското министерство за трговија соопшти дека има намера да ги заостри упатствата за конкуренција во автомобилскиот сектор со цел да го ублажи наглиот пораст на цените што им се закануваше на трговците и добавувачите и создаде загуби за секторот како целина, според предупредувањата од поединечни лидери на компании.

Ситуацијата во кинеската индустрија за електрични автомобили во моментов е многу нездрава поради големите загуби и долгорочната ценовна војна што е товар за синџирот на снабдување, предупреди пред десет дена шефот на „Great Wall Motor“ (GMW), Веи Џианџун.

Континуираното намалување на цените им се заканува на добавувачите, но исто така негативно влијае и врз безбедноста и квалитетот на автомобилите, предупреди Веи.

„Great Wall Motor“ моментално гради фабрики во странство, а „BYD“ и „Chery Auto“ исто така имаат намера да го прошират производството надвор од Кина.

Сепак, во февруари, „Geely“ се согласи со францускиот „Рено“ дека ќе ги преземе неговите фабрики и малцински удел во неговите операции во Бразил.

На почетокот на април, Пекинг ги одложи дозволите за „Geely“ и „BYD“ да инвестираат во Латинска Америка, предупредувајќи на ризикот од трансфер на технологија, според два извори запознаени со ова прашање.