Шефот на ИЕА ја предупреди ЕУ: Подгответе се за целосен прекин на испораките на гас од Русија

110

Европската Унија треба да се подготви за тоа дека Русија во текот на претстојната зима целосно ќе ѝ ги прекине испораките на гас, предупреди шефот на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) Фатих Бирол, кој ги повика европските влади да ја намалат потрошувачката на гас и да ги одржуваат нуклеарните централи.

Бирол оцени дека намалувањето на испораките на руски гас во последните денови може да биде увертира за почеток на пошироки прекини на снабдувањето, кои се смислени да спречат полнење на складиштата во подготовка за зимата, како дел од обидите на Русија да влијае на условите во ЕУ.

„Европа би требало да биде спремна за случајот дотокот на рускиот гас да биде целосно прекинат. Колку повеќе се приближуваме до зимата, подобро ги разбираме намерите на Русија. Верувам дека прекините се насочени кон поткопување на можноста Европа да ги наполни складиштата и за зголемување на влијанието на Русија во зимските месеци“, кажа Бирол.

Европските земји се обидуваат да ги наполнат складиштата пред зимата, а Германија се надева дека до ноември ќе наполни 90 отсто од капацитетите. Нејзините складишта во моментов се половично полни.

Државите на ЕУ се обидуваат да ја намалат зависноста од руските фосилни горива, набавувајќи гас од други земји, пред сè од САД. Тие најавија и дополнително користење јаглен, што е спротивно на зелените цели на ЕУ.