Шефот на „Јагуар Ленд Ровер“ ја напушта компанијата во незгодно време

Извршниот директор на „Јагуар Ленд Ровер“ (JLR), Адриан Мардел, ќе се повлече, потврди британскиот производител на автомобили преку портпарол во четврток.

Мардел помина речиси 35 години во таа компанија. Сега тој изрази желба да се пензионира по три години на водечката позиција. Неговиот наследник ќе биде објавен наскоро, рекоа тие.

Рекордни резултати со контроверзни одлуки

Мардел се приклучи на оваа компанија во 1990 година. Тој ја презеде функцијата главен извршен директор во ноември 2022 година, откако ја држеше позицијата главен финансиски директор од јуни 2019 година.

За време на неговото водство, JLR, кој е во целосна сопственост на индиската „Тата Моторс“, го забележа својот највисок профит за една деценија. Покрај тоа, го намали корпоративниот долг за дури 5 милијарди фунти, според „Аутонет“. Компанијата ги постигна своите најсилни финансиски резултати под негово водство. Тој го предводеше тој финансиски пресврт по големите загуби и долгови настанати како резултат на пандемијата.

Драматичната промена во бизнисот беше поттикната од исклучителната популарност на високопрофитабилните модели „Дифендер“ и „Ренџ Ровер“. Токму овие модели го поставија JLR на патот кон постигнување на целната маржа на профит од 10% до 2026 година, објавува Financa ba. Но, неговиот мандат веројатно ќе биде запаметен првенствено од јавноста по иницирањето на сеопфатен и контроверзен редизајн на брендот Jaguar, заедно со воведувањето на радикалниот концепт Type 00.

Мардел, исто така, го надгледуваше формирањето на новата малопродажна стратегија „Куќа на брендови“. Според таа стратегија, Defender, Discovery, Range Rover и Jaguar беа одвоени во посебни брендови. Секој со своја маркетиншка стратегија насочена кон специфичното позиционирање на тие семејни модели, за што се пишуваше неодамна, при објавувањето на редизајнот на визуелниот идентитет на Range Rover.