Шефот на компанијата Еверграндe доби доживотна забрана за учество на пазарот

20

Проблематичната компанија за развој на имот China Evergrande Group соопшти дека е казнета со 4,2 милијарди јуани (333,4 милиони долари) од страна на чуварот на хартии од вредност во Пекинг за наводно фалсификување извештаи за заработка.

Компанијата во изјава за берза во Кина соопшти дека нејзиниот претседател Хуи Ка Јан е казнет со 6,5 милиони долари и доживотна забрана за учество на кинеските пазари. Тој беше приведен од властите во септември под сомнение дека го прекршил законот, пренесува АП.

Станува збор за прелиминарна одлука на кинеската регулаторна комисија за хартии од вредност, која неодамна ги заостри проверките на пазарот. Евергранде е најзадолжениот светски инвеститор во недвижности, со долг од над 300 милијарди долари.

Кинескиот регулатор ги обвини Евергранде и Хуи дека ги надувале извештаите за приходите од континентална Кина за речиси 80 милијарди долари во 2019 и 2020 година, пишува Фајненшл тајмс.

Судот во Хонг Конг нареди ликвидација на Еверганде во јануари, откако не успеаја напорите за реструктуирање на нејзиниот надворешен долг. За ликвидација на компанијата се задолжени истите луѓе кои извршиле ликвидација на азискиот бизнис на банката Леман Брадерс.

Регулаторите се обидуваат да ги смират инвеститорите откако кинеските пазари слабееа минатата година, заедно со падот на пазарот на недвижности. Иако регулаторите најавија низа нови политики за поддршка на пазарите, ветувајќи дека ќе ги отстранат злоупотребите, Шангај композит сè уште е 5,8 отсто под минатогодишното ниво, додека хонгконгскиот Ханг Сенг е намален за 15,3 отсто оваа година.

Последиците од имотната криза, исто така, ја погодија и кинеската банкарска индустрија во сенка, што е име дадено на институциите кои обезбедуваат финансиски услуги слични на банките, но работат надвор од банкарските регулативи.