Шефот на KPMG поднесе оставка поради несоодветно обраќање до колегите

217

Претседателот на англо-холандската консултантска и ревизорска компанија KPMG во Велика Британија, Бил Мајкл, поднесе оставка затоа што за време на виртуелниот состанок за пандемијата на коронавирусот и влијанието на карантинот врз животот на луѓето, им порача на вработените да “престанат да кукаат“.

Мајкл кој на чело на комоанијата дојде во 2017 година, за време на состанокот со членовите на тимот од KPMG рекол дека вработените треба да престанат да играат на картата дека се жртви, пренесува Guardian.

52-годишниот Австралиец денес се извини за овој скандал и рече дека поради тие изјави, неговата позиција во овој ревизорски гигант е “неодржлива“.

“Ја сакам компанијата и навистина ми е жал за зборовите што ги повредија моите колеги и за влијанието што го имаа настаните оваа недела врз нив. Сметам дека мојата позиција не е одржлива и затоа решив да ја напуштам компанијата “, рече Мајкл.

Од KPMG соопштија дека презеле чекори за избор на нов претседател, а до тогаш ќе го заменува Бин Мехт.