Шефот на OpenAI прво се закани па се предомисли: „Секако дека не планираме да ја напуштиме Европа“

16

Шефот на компанијата OpenAI која го произведе генеративниот систем за вештачка интелигенција ChatGPT денеска објави дека неговата компанија не планира да ја напушти Европа.

– Со нетрпение очекуваме да можеме да продолжиме со нашата работа во Европа и секако не планираме да заминеме одовде – твитна првиот човек на OpenAI Сем Алтман, пренесува Ројтерс.

Алтман на тој начин се поправи, бидејќи во средата не ја отфрли можноста неговата компанија да ја напушти Европа доколку не може да се усогласи со најавената регулатива на ЕУ за вештачка интелигенција (АИ).

Во таа прилика тој изјави дека актуелниот нацрт-закон на ЕУ за вештачка интелигенција „премногу ја регулира оваа сфера“, и дека слушнал дека ќе биде повлечен.

Изјавата на Алтман за можно напуштање на Европа беше критикувана од шефот на индустријата на ЕУ, Тиери Бретон, како и од некои други законодавци на Европската унија, потсетува британската агенција.