Шефот на Ryanair на прагот на еден од најголемите бонуси во историјата

53

Шефот на авиокомпанијата Ryanair, Мајкл О’Лири се приближува до потенцијален бонус од 100 милиони евра, кој би бил меѓу најголемите во историјата на европските компании, откако акциите на авиопревозникот достигнаа рекордно ниво.

Цената на акцијата на Ryanair се искачи на 18,99 евра на крајот од минатата недела, со што О’Лири се приближи до прагот што може да предизвика огромна исплата.

Акциите на компанијата мора или да достигнат 21 евро и да останат на тоа ниво 28 дена, или компанијата мора да пријави годишна добивка по оданочување од 2,2 милијарди евра за О’Лири да може да го наплати бонусот, кој беше договорен во 2019 година пренесува Index.hr.

Ryanair е веќе втора највредна авиокомпанија во светот по капитализација на акциите, зад американскиот авиопревозник Delta Air Lines.

О’Лири, кој го презеде Ryanair уште во 1994 година, го предводеше метеорскиот пораст на компанијата до титулата најголема европска авиокомпанија. За тоа време тој веќе се стекна со 3,9 отсто од акциите во компанијата, вреден 907 милиони евра.

Финансиските аналитичари кои го следат работењето на компанијата предвидуваат просечна целна цена од 24 евра по акција во следните 12 месеци, покажуваат податоците на Блумберг, кои лесно би го ставиле О’Лири над прагот за наплата на бонуси.