Шефот на TotalEnergies: Остануваме во Русија за да донесеме ЛНГ во Европа

40

Главната причина што TotalEnergies ги задржа своите средства во Русија, и покрај санкциите на Западот, е испораката на течен гас во Европа, изјави во средата извршниот директор на француската мултинационална енергетска и нафтена компанија.
„Нашиот единствен мотив е да донесеме ЛНГ во Европа“, рече претседателот и извршен директор на TotalEnergies, Патрик Пујан на сослушувањето во францускиот парламент, бранејќи го останувањето во Русија.

За разлика од британските ривали BP и Shell, TotalEnergies ги задржа руските средства, вклучително и малцинските акции во производителот на гас Novatek и проектите Yamal LNG и Arctic LNG 2.

Шефот на TotalEnergies, исто така, им рече на француските претставници дека остатокот од светот, особено земјите од Азија и Африка, не го делат мислењето на Западот за конфликтот меѓу Русија и Украина.

„Огромното мнозинство од остатокот од светот на ниту еден начин не го дели мислењето за конфликтот што ние во западниот табор го претставуваме“, нагласи Пујан.

На крајот на октомври, TotalEnergies објави дека во првите девет месеци од оваа година добила околу 748 милиони долари дивиденда од своите средства во Русија.

Нејзините приходи скокнаа за 54 отсто на 199,3 милијарди долари. Консолидираната нето добивка се зголеми за 69 отсто на 17,3 милијарди долари.