Шефовите на германските компании имаат лоши вести за работниците

Работодавците во Германија и во февруари ги прекинаа плановите за вработување, а можни се отпуштања во наредните месеци, покажуваат резултатите од истражувањето на Институтот Ифо.

Индексот на вработеноста  во февруари паднал за 0,6 поени во однос на јануари, на 94,9 поени, објави во вторникот институтот.

„Економијата е толку летаргична што компаниите го одложуваат вработувањето на нови луѓе“, рече Клаус Вохрабе, шеф на истражување во Ifo.

„Веќе не може да се исклучат ниту отпуштања“, додаде тој.

Знаците продолжуваат да укажуваат на намалување на работните места во производството, но и во трговијата, според германскиот институт за економски истражувања со седиште во Минхен.

Трговците на мало ги одложуваат планираните вработувања поради помалата потрошувачка, а градежниот сектор е оптоварен од тешката деловна ситуација.

Вредноста на индексот за услужниот сектор и натаму е благо позитивна, но темпото на вработеност е забележително забавено, наведуваат од Институтот. Светла точка е секторот на ИТ услуги и консултанти кои продолжуваат да вработуваат со несмалено темпо, додаваат оттаму.

Фото: Pixabay