Шефовите на „Рено“ и „Стелантис“ предупредија: „Продажбата на автомобили во ЕУ е на катастрофални нивоа“

ЕУ треба да усвои поповолни регулативи за малите автомобили, изјавија претседателот на мултинационалниот автомобилски гигант „Стелантис“, Џон Елкан, и извршниот директор на „Рено“, Лука де Мео, предупредувајќи дека послабата профитабилност во тој сегмент би можела да ги принуди да затворат фабрики.

Франција, Италија и Шпанија треба да ја предводат иницијативата бидејќи се издвојуваат со силна побарувачка за помали, попристапни автомобили, рекоа Елкан и Де Мео во заедничко интервју за францускиот весник „Ле Фигаро“, без да прецизираат какви регулаторни прилагодувања сакаат.

Бараме прописите за помалите автомобили да бидат јасно разграничени од оние за другите возила. Премногу регулативи се прилагодени на поголеми и поскапи автомобили, што значи дека не можеме да произведуваме помали автомобили под прифатливи услови на профитабилност, рече извршниот директор на „Рено“.

„Рено“ и „Стелантис“ се фокусирани првенствено на производство на прифатливи автомобили во Европа, за европските потрошувачи, нагласи Де Мео.

Според него, производителите на луксузни брендови на автомобили, како што се германскиот БМВ, Мерцедес и некои брендови на групацијата Фолксваген, се фокусирани на извозот.

Европа им е важна, но нивниот приоритет е сè уште извозот. Нивната логика диктираше регулирање на пазарот во изминатите 20 години, а резултатот се европски регулативи што ги прават нашите автомобили сè посложени, потешки и поскапи, а повеќето луѓе едноставно повеќе не можат да си ги дозволат, рече извршниот директор на „Рено“.

Нагласувајќи дека продажбата на автомобили во ЕУ е на катастрофални нивоа, претседателот на „Стелантис“ предупреди дека посебните регулативи за помалите автомобили се „стратешко“ прашање.

Со таква динамика, доколку ситуацијата не се промени, ќе мора да донесеме болни одлуки за нашата производствена база во следните три години, рече Елкан.

Уделот на „Рено“ и „Стелантис“ на европскиот пазар на автомобили е вкупно 30 проценти.