Шест милиони денари за дигитализација на земјоделството, прв јавен повик на ФИТР

39

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави прв јавен повик за дигитализација во земјоделството.

Буџетот е шест милиони денари за четири проекти, а средствата се заштедени од Програмата за рурален развој од која со години се одвојувал по еден процент.

Максимумот што секој корисник ќе може да го добие е еден и пол милион денари односно 90% од висината на проектот што значи дека избраните апликанти ќе инвестираат само 10% во реализацијата. Рокот за реализација на проектите е 12 месеци.

“Ги повикувам сите иновативни стартапи во земјава да се пријават. Се работи за иновативни стартапи кои имаат демо или некаков развиен продукт со кој ќе овозможат дигитализација на земјоделството. Очекуваме многу пријави, а по успехот на овој повик планираме да ја продолжиме соработката со Министерството за земјоделство“, изјави директорот на ФИТР, Коста Петров.

Според заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, примената на новите дигитални технологии ќе овозможи намалување на трошоците, подобар квалитет и поголема конкурентност на земјоделските производи.

“Ова е поттик да направиме еден поголем исчекор во дигитализацијата на земјоделството. Знаеме со какви климатски промени се соочуваме и затоа е потребно да се контролира влагата на почвата, воздухот и температурата, за да се направат применливи услови за одгледување на земјоделските култури и на добитокот. Верувам дека ова ќе поттикне и некои новитети, а тоа е да имаме поголемо производство во контролирани услови што значи да имаме производ 12 месеци, односно континуитет во производството и снабдувањето на пазарот“, рече Димковски.

Вели дека не се потребни големи средства за инвестиција, иако самиот поим “паметно земјоделство“ асоцира дека за примена на дигиталните технологии се потребни многу финансиски средства.

Повеќе информации за самиот повик може да се најдат на веб страницата на Фондот за иновации и технолошки развој, а рокот за доставување на апликациите е 16 април до 14 часот.