Шолц: Нема нова финансиска криза на повидок во Германија и Европа

74

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека не е на повидок нова финансиска криза во Германија и Европа по банкротот на банката во Силиконската долина и турбуленциите поврзани со работењето на швајцарскиот Credit Suisse.

„Не гледам никаква опасност. Монетарниот систем повеќе не е ранлив како што беше пред финансиската криза“, изјави канцеларот во интервју за германскиот весник „Ханделсблат“.

Тој изјави дека не очекува никакви последици за германските штедачи.

„Депозитите на германските штедачи се безбедни. Не само поради поголемата отпорност на банкарскиот систем и построгите регулативи, туку и поради нашата економска сила.
Живееме во сосема поинакво време“, рече Шолц, мислејќи на споредбите со финансиската криза од 2008 година.

Законодавците и банкарските регулатори научија лекции од банкротот на Леман, а банкарската регулатива е построга отколку тогаш, рече германскиот канцелар.

„Гледаме дека одговорните во САД, Велика Британија и неодамна во Швајцарија постапија брзо и решително“, додаде тој.