Шпанија ги поканува дигиталните номади: Работa на сонце со даночни олеснувања

156

Шпанија планира да понуди „дигитални номадски“ визи за Британците и другите граѓани кои сакаат да работат на сонце и да уживаат во пониските трошоци за живот со даночни олеснувања.

Визи ќе им бидат понудени на луѓето кои работат од далечина за компании надвор од Шпанија и кои остваруваат максимум 20 отсто од приходите од шпански компании, објави британскиот весник „Гардијан“.

Со оглед на тоа што законот допрва треба да биде донесен, треба да се разработат некои детали, но се очекува визата, во суштина дозвола за престој, првично да важи една година, со можност за продолжување до пет години, во зависност од околностите на барателот.

Блиските роднини, како што се брачниот другар или децата, ќе имаат право да му се придружат на апликантот.

Апликантите мора да бидат надвор од Европската економска област и да можат да покажат дека работат од далечина најмалку една година. Мора да имаат договор за вработување или доколку се хонорарци да покажат дека биле вработени во компанија надвор од Шпанија.

Мора да покажат и дека ќе заработат доволно за да се издржуваат и да имаат адреса во Шпанија.

За првите четири години, тие ќе се оданочуваат со стапка од 15 проценти, наместо стандардната основа од 25 проценти.

Шпанија сега ќе им се придружи на 15 други европски земји кои нудат свои верзии на „дигитални номадски“ визи.