Шпанија на врвот: Европа останува најпожелна за работа од далечина

Европа е предводник во светот на дигиталните номади

Европа сè уште го држи приматот кога станува збор за работа од далечина, додека сè повеќе земји воведуваат специјални програми за визи и престој за дигитални номади – луѓе кои работат виртуелно од кое било место во светот.

Феноменот што експлодираше по пандемијата Ковид-19 сега прерасна во глобален тренд. Милиони професионалци ја напуштија канцеларијата и се префрлија на пофлексибилни начини на работа, а владите ширум светот се обидуваат да ја привлечат оваа нова, мобилна и честопати високо платена група работници.

Според истражувањето на Global Citizen Solutions, кое анализирало 64 земји според времетраењето на визите, финансиските услови и можностите за постојан престој или државјанство, европските земји доминираат убедливо.

„Европа, благодарение на својата стабилност, безбедност и богата културна понуда, останува најатрактивниот избор за преселба на дигитални номади“, се наведува во извештајот.

Топ 10 земји за дигитални номади во 2025 година

Шпанија

Холандија

Уругвај

Канада

Чешка

Португалија

Франција

Обединети Арапски Емирати

Германија

Малта

Зошто Шпанија е број еден?

Шпанија ја предводи листата благодарение на својата виза за дигитални номади, која овозможува работа од далечина за странски компании, но и делумно ангажирање во шпански фирми – до 20% од вкупната работа.

Придобивките вклучуваат голема брзина на интернет, одличен квалитет на живот и правна рамка што води до постојан престој, па дури и државјанство. За граѓаните на латиноамериканските земји, Филипините и Екваторска Гвинеја, периодот на натурализација е намален од десет на само две години.

Трошоците за живот во Шпанија се пониски отколку во поголемиот дел од северна Европа, особено во помалите градови, додека безбедноста, здравствениот систем и инфраструктурата се на високо ниво.

Визата бара диплома од признат универзитет или најмалку три години работно искуство, доказ за приход (најмалку двојно поголем од шпанскиот минимум), здравствено осигурување и чисто криминално досие.