Шпанија замина од Светското со 50 милиони долари, а баровите со рекорден промет

Победата над Аргентина во финалето на Светското првенство ѝ донесе на Шпанија рекордна награда на ФИФА од 50 милиони долари, во споредба со 42 милиони долари доделени на Аргентина за победа на натпреварувањето пред четири години.

Целиот расположлив паричен фонд за учество на националните тимови на првенството изнесуваше 655 милиони долари и беше распределен пропорционално на резултатите меѓу 48-те земји учеснички.

Сега Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) ќе одлучи како да ги распредели тие пари, т.е. колку ќе добијат играчите, колку ќе добие тренерскиот персонал и колку ќе се прошири логистичкиот тим. Она што ќе остане ќе го користи РФЕФ за сопствени операции и програми за развој.

Парите од наградите се предмет на оданочување, така што националните и локалните власти би можеле да соберат околу шест милиони евра од нив.

Работите се сосема јасни во однос на тие награди, но многу е потешко да се сфати каков е макроекономскиот ефект од освојувањето на титулата светски фудбалски шампион.

Според студијата на економистот Марко Мело од Универзитетот во Абердин, освојувањето на светска титула го зголемува годишниот бруто домашен производ за најмалку 0,48 процентни поени вкупно во текот на двата квартала по финалниот натпревар. Во овој конкретен случај, тоа се однесува на втората половина од оваа година, по што ефектите бледнеат.

Она што треба да се каже, сепак, е дека примерокот на шампиони во студијата е релативно мал и нема многу земји што ја освоиле титулата.

Двигателот на ова зголемување на БДП не е трошењето за прослави, туку извозот, кој расте за пет до шест процентни поени побрзо, бидејќи титулата делува како глобална реклама за услуги и стоки од земјата победник.

Ако ова се примени на шпанската економија, која има големина од 1,69 трилиони евра, додадената вредност изнесува околу четири милијарди евра, проценува Педро Санта Круз, кој е директор на платформата Freedom24 Iberia чиј делокруг е брокерскиот бизнис.

За време на натпреварите на шпанската репрезентација во групната фаза, прометот во баровите и рестораните беше за 36 проценти поголем, а најголем раст беше забележан во Севиља од 66 проценти.

Прославата на титулата, исто така, има сличен ефект.

Истражувањето направено од Мело покажува дека Светското првенство нема никаков долгорочен ефект дури ни во земјите домаќини.

Следното натпреварување во 2030 година ќе биде заеднички организирано од Шпанија, Португалија и Мароко, а мал број натпревари првично ќе бидат организирани во Аргентина, Уругвај и Парагвај како начин за прослава на 100-годишнината од Светското првенство. Првото првенство се одржа во 1930 година во Уругвај.

ФИФА проценува дека во 2026 година би можело да генерира повеќе од девет милијарди долари приходи, што би го направило овогодинешното првенство најпрофитабилен спортски настан во историјата.