Шпански компании заинтересирани да влезат во изградба на Коридорот 8

20

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Емилио Лоренцо Сера.

“Актуелната здравствено-економска криза којашто го зафати целиот свет, вклучувајќи ги и Република Северна Македонија и Шпанија, наметнува активно следење на ситуацијата и навремени реакции од страна на владите. Во првата половина од годинава, пандемијата имаше поголемо негативно влијание отколку што се очекуваше, а закрепнувањето се предвидува да биде постепено. Со цел да се ублажи ударот врз економијата и животниот стандард на граѓаните, донесовме сет мерки коишто обезбедуваат ликвидност за компаниите кои понатаму, кога ќе се подобри ситуацијата, ќе можат да продолжат да работат, да бидат конкурентни и да дадат придонес кон економскиот раст“, рече министерот за финансии Бесими.

Бесими му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што Шпанија ѝ ја даде на нашата држава во процесот за полноправно членство во НАТО, како и за поддршката кон отворањето на преговорите со ЕУ.

“Очекуваме Шпанија да продолжи да биде наш стратешки партнер во претстојниот период, којшто ќе ја поддржува нашата земја до нејзиното целосно членство во ЕУ“, нагласи Бесими.

Амбасадорот на Кралството Шпанија, Сера, рече дека во моментов сериозно се размислува за воспоставување Договор за билатерална соработка со што ќе се создадат услови за зајакнување на економската соработка и при тоа додаде дека шпански компании, кои се едни од водечките во светот во делот на изградба на железничка инфраструктура, се заинтересирани да учествуваат во јавните повици за изградба на железничкото поврзување кон Бугарија – Коридор 8.

Во соработка со Шпанија, во рамки на Министерството за финансии, успешно беше завршен проектот Понатамошна хармонизација со ЕУ во областа на осигурување и зголемување на пазарните операции, во кој Шпанскиот надзорен орган за осигурување и пензиски фондови беше партнер од земја членка на ЕУ, како и проектот Подобрување на услугите на УЈП кон даночните обврзници во кој партнер беше Шпанската даночна администрација (Agencia Tributaria).