Германскиот министер за економија Роберт Хабек во петокот најави нови регулативи кои ќе се однесуваат на заштеда на енергија поради страв од недостиг, а се последица на прекинот на испораката на руски гас поради војната во Украина.
Греењето во јавните згради ќе биде дозволено на максимални 19 степени Целзиусови, зградите и спомениците повеќе нема да се осветлуваат ноќе, а нема да се осветлуваат ниту билбордите, изјави Хабек.
„Потребни се повеќе заштеди и во деловниот свет“, рече тој, без да наведе повеќе детали. Тој рече дека за тоа се разговара и со претставници на Министерството за труд.
Во јули, Хабек претстави нов пакет за потрошувачка на енергија во контекст на значително намалување на снабдувањето со руски гас. Тогаш се зборуваше дека е важно да се намали потрошувачката на гас во компаниите, стопанските објекти и во приватните домаќинства.
Министерството за економија сега планира во соработка и координација со другите министерства да воведе дополнителни мерки поврзани со потрошувачката и ефикасноста на енергијата.
За овие мерки е предвиден почетен период од шест месеци.