Штетата од опожарените шуми сè уште не е проценета, но наскоро ќе ја почувствуваме

37

Човекот и шумите отсекогаш биле поврзани со нераскинлива врска на меѓусебна зависност и надополнување, но за жал таа врска ја губиме со нашите постапки преку кои за два до пет дена се пеплоса шума растена децении, пошумена да го одржува екосистемот на нашата држава.

Шумата е дар од природата. Затоа, во сите култури и кај сите народи постои култ кон шумата, кој будел восхит и страв и поттикнувал мисла дека шумата има необјаснива моќ и сила. “Во обид да се предизвика таа сила“, на 2 август оваа година избувнаа повеќе пожари, а го зафатија и Пијанечко-Малешевскиот регион каде покрај шумите, жителите од крајниот исток на државава беа погодени по личните материјални добра, изгореа куќи, крупен и сите добиток, пчелини семејства…

Од целата територија на Северна Македонија 36 проценти се површини покриени со дрвја кои, меѓу другото,  чуваат големи количини вода поради нивните големи димензии и анатомски-физиолошки карактеристики. Тие се важни регулатори на хидролошките процеси, особено оние кои вклучуваат подземно хидролошко и локално испарување. Силата на шумата е во воздухот што го дава, во сенката што ја прави, во водите што течат низ нејзиното зеленило. Шумата е столб на екосистемот.

Изгореа 8 % од шумите во делчевско

Според првичните проценки од 28.000 хектари шума на територија на Општина Делчево, изгорени се околу 2.400 хектари или околу 8 проценти од вкупниот шумски фонд во Општината. Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски за МИА информираше дека се уште не е утврдено колкава е направената материјална штета.

“Откако ќе биде завршен увидот на лице место од овластените државни субјекти ќе добиеме конкретни и точни податоци за вкупната штета. Поединечната штета ќе биде проценувана по поднесени барања на оштетените граѓани и по нив ќе постапи општинската Комисија за процена на штети од елементарни и други непогоди и тогаш ќе имаме конкретни податоци. Моментално им помагаме на сите кои имаат претрпено штета со храна за луѓето и храна за нивната стока“, истакна Трајковски.

Новинарската екипа на МИА го посети Славе Никовски од Нов Истевник кој претрпе голема штета од пожарот. Тој апелираше Владата и локалната самоуправа да им помогнат со неопходни средства со што ќе ја згрижат стоката која прежиевала и пребегала во блиската шума.

“Ова тука е печалено два века, потекнувам од доста богата селска фамилија, работник, работевме и ноќе и дење, и сум првиот пчелар во источниот дел во Македонија кој веќе имам дел од пчелите оштетено. Имаме смртност на свинарска фарма, на јагниња кои се евидентирани со ушни маркици и овците, објекти уништени, две куќи изгореа. Испраќам апел до Владата и до нашиот градоначалник, што може да ни помогнат со неопходните поотребни средства. Инаку храната се потроши, жетвата што ја прибравме, житните куклтури, слами, сено имаме за еден месец“, истакна Никовски.

Опожарениот регион и оштетените семјества ги посети и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски кој порача дека веднаш ќе им се помогне на семејствата со неопходните работи за да ја обезбедат стоката со привремени живеалишта и храна.

“Првично после ова што го видовме значи да поделиме на два дела, да учиниме тоа е нешто што може да се направи уште утре. Ќе видиме што е најнеопходно тоа ќе го направиме, бидејќи како што кажа ситниот добиток е низ планините, мора да се собере сето тоа. Секако дека пчелнните семејства кои се изгорени, но од тоа не се знае дали се сите на број иако ги гледаме кошниците да видиме што може околу поддршка за презимувањето на пчелните семејства. Она што е за добиточна храна тоа ќе гледаме во наредните денови најбрзо што е можно да донесеме“, порача Димковски од опожареното Нов Истевник.

Тој нагласи дека преземаат активности за првичната помош, а дека подоцна ќе се направи целосна проценка на штета, кое обештетување ќе оди преку Владата.

Градоначалникот Трајковски во однос на штетите појасни дека откако ќе биде завршен увидот на лице место од овластените државни субјекти ќе добијат конкретни и точни податоци за вкупната штета.

“Оштетените треба да поднесат Барање (готов Образец) кој може да се пополни во Архивата на Општина Делчево при што ќе добијат информации за пропратните документи кои е потребно да ги достават странките, а со цел да се покрене постапка пред општинската Комисија. Има опожарено и изгорено две викендици, две стари куќи и пет плевни. Од сите овие само едно лице нема друго живеалиште и Општината заедно со други организации и фирми започна со изградба на нов дом за тоа лице“, појасни Трајковски.

Изгоре и приватната шума, штетите допрва ќе се проценуваат

“Штетата е ненадоместлива, мора да помине многу време додека повторно овој дел да го ревитализираме и да го ставиме во функција барем до степен каков што беше. Голем дел од шумите кои страдаа во пожарите барем во беровскиот дел, тоа се шумите над Мачево и Будимирци се пошумени. Значи, тоа го работеше мојава генерација 70-тите и оттогаш еве 50 години поминаа, за жал, сето тоа отиде во неврат за само два дена“, изјави за МИА претседателот на Здружението на сопственици на приватни шуми Војо Соколовски.

Според него, она што се случува во Малешевијата е феномен кој дефинитивно како последица го има и целиот регион, а многу е блиску до земјава ги зафати Грција, Турција и други региони.

“Така што, она што се случи допрва ќе го утврдуваме, ќе видиме колкави и какви се штетите кои се повеќеслојни. Значи тоа се секако штети кои нема да бидат само во делот на шумарството, ќе бидат во делот на екологијата, ќе бидат во делот на стопаnството ако сакаме, во делот на се она што значи општествено живеење на луѓето од Малешевијата, туризмот секако тука ќе биде исто така тангиран“, вели Соколовски.

Тој појасни дека анализите допрва ќе бидат направени затоа што очекуваат одредена техника од неколку европски држави со кои многу полесно и поточно ќе ги утврдат штетите. Она што се следува како наредни чекори е секако чистењето на теренот и подготовката за повторно пошумување на тие површини.

На прашање на МИА колку време ќе ни треба да си ги вратиме шумите, Соколовски, кој е и метеролог, вели дека она што може да го каже или да се предвиди е дека тоа пред се ќе зависи од климатско-почвените услови, како и на кој начин ќе може да биде пошумувањето успешно направено.

Национални шуми менаџира со 965.650 хектари шума од кои 89 % се државни, а 11 % приватни

Од Јавното претпријатие Национални шуми информираат дека за околу една седмица ќе знаат колку хектари е опожарената површина и каков вид на шума е изгорена, како и колку од таа површина е во државна, а колку во приватна сопственост. На прашање на МИА што со опожарените дрва и изгорената површина, од Јавното претпријатие велат дека немаат сознанија колкав е интересот за откуп на опожарена дрвна маса, додека цената на опожарената дрвна маса се одредува по добивање на Записник и Решение за санација на опожарена површина, по што комисијата за процена на квалитетот на опожарената дрвна маса при Национални шуми, излегува на терен и дава предлог цена, која потоа се одобрува од страна на Управниот одбор.

“ЈПНШ согласно предвидувањата со Посебните планови за стопанисување со шуми и Годишните изведбени планови кои се во согласност со Посебните планови за стопанисување со шумите, планира и секоја година согласно планираното, се реализираат предвидените одгледни мерки – пошумување со шумски садници, подсејување, пополнување, санирање на опожарени површини со пошумување и други одгледни мерки“, појаснија од Национални шуми.

Фото: Facebook