Што е адекватност на капитал?

1263

procent

Фото: Pixabay

Адекватност на капитал е способност на банката да ги нуди своите услуги сè додека го одржува законски утврдениот однос меѓу капиталот и вкупната актива.

Стапката на адекватност на капиталот го претставува односот меѓу капиталот и активата на банката. Со други зборови, ја прикажува способноста на банката да ги апсорбира загубите генерирани од лошите пласмани.

Адекватноста на капиталот претставува и своевидна заштита на клиентите на банката, пред сè на штедачите, од можните лоши кредити.

“Банката е должна постојано да одржува стапка на адекватност на капиталот којашто не може да биде пониска од 8%. Гувернерот на Народната банка на Република Македонија може да пропише повисок процент од 8% доколку тоа е потребно поради природата, видот и обемот на активностите коишто ги извршува банката и ризиците на коишто е изложена. Банката е должна да обезбеди соодветно ниво на сопствени средства во зависност од видот и обемот на финансиските активности и висината на ризиците коишто произлегуваат од извршувањето на тие активности“, стои во Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот на НБРМ.

За утврдување на адекватноста на капиталот, секоја банка е должна да пополнува повеќе извештаи и истите да ги доставува во НБРМ.

Дел од тие извештаи се: извештај за сопствени средства, за портфолиото за тргување, за активата пондерирана според кредитниот ризик, за вкупните активности, за капиталот потребен за покривање на валутниот ризик, за капиталот потребен за покривање на специфичниот ризик од вложувања во должнички инструменти…

При пресметката на оваа стапка во предвид се земаат повеќе видови на ризици, коишто можат да остават последици врз активата на банката. Меѓу нив најчести: кредитен, валутен и пазарен, но постојат и таканаречени специфични ризици.