Што е арома маркетинг?

209

Мирисен или арома маркетинг е практична алатка за продажба на производ(и), што го вклучува едно од најмоќните сетила кај луѓето – мирисот.

Денес, во ера на дигитализација и огромна конкуренција, потребно е да се користат сите сетила за да се привлече вниманието на купувачот и да се стекне неговата лојалност.

Молекулите на мирисот лебдат во воздухот и така доаѓаат до носот. Кога ќе се вдише мирисот, молекулите се врзуваат за рецепторите за мирис. Тие се сместени во горниот дел на носот и имаат способност да откријат илјадници различни мириси. Овие рецептори ги проследуваат информациите до мозокот… Важно е да се знае дека перцепцијата за мирис е 10.000 пати посилна од сите други сетила. Другите сетила, како што се допир и вкус, мора да патуваат низ целото тело, пред да дојдат до мозокот. Кај мирисот тоа не е потребно.

Истражувањата поврзани со неуро – маркетинг покажуваат дека 75% од емоциите на купувачите се предизвикани од мирис. Тој се поврзува со задоволство, некаков спомен или сеќавање, силно влијае на емоционалната состојба и расположение на купувачот, па го прави да помине повеќе време во продавницата или да го поттикне да купува повеќе.

Едно истражување на Универзитетот Рокфелер во Њујорк покажува дека само: 1% се сеќаваме на она што сме го допреле, 2% на она што сме го чуле, 5% на она што сме го виделе, 15% на она што сме го пробале и дури 35% на она што сме го помирисале.

Арома маркетингот е посебен сегмент од сензорниот маркетинг, што пак е еден од традиционалните сегменти на маркетингот. Со помош на различни уреди што испуштаат арома, се создаваат мирисни акции со коишто се привлекува вниманието на купувачите. Мирисниот маркетинг гради потсвесна врска меѓу производот и потрошувачот.

Во светот постојат безброј примери коишто сведочат за моќна на мирисот во бизнис цели. На пример, брендот Gap користи распрскувачи на мирис од сопствени парфеми со цел да ја зголеми продажбата во своите бутици. Авиокомпанијата Singapore Airlines користи свои мириси за персоналот, во авионите и на сите други места за им биде удобно на патниците. Модниот бренд Victoria Secret користи посебен мирис којшто треба да им остави добар впечаток на купувачите додека се наоѓаат во нивните продавници.

Фото: Pixabay