Што е cold calling?

64

Фото: Pixabay

Cold calling е продажна техника што се користи кога продавачот го воспоставува првиот контакт со потенцијалниот клиент. Вообичаено за оваа техника е тоа што продавачот е тој што ја започнува комуникацијата со потенцијалниот купувач, со кого претходно не бил во контакт.

Задача на секој продавач е да го продаде производот или услугата што ја нуди, па cold calling техниката може да му помогне да ја прошири листата на клиенти. Од таа причина, cold calling не треба да се сфати како еднократна комуникација со потенцијалните клиенти, туку бара малку повеќе умешност, упорност и добри продажни вештини за да се исплати комуникацијата.

Кај оваа техника, во преден план излегуваат вештините на продавачот, односно колку тој е подготвен на комуникација “на слепо“ и на кој начин го воспоставува контактот со лица за кои и нема многу информации.

Праксата, сепак, покажува и дека оваа продажна техника не е многу омилена меѓу продавачите. За многумина таа е и губење време, бидејќи на состаноците се среќаваат со луѓе кои не се многу заинтересирани за производот или услугата.

Спротивно на cold calling е warm calling, којшто претставува воспоставување продажна комуникација со потенцијални клиенти, со кои и претходно соработувале. Овој вид на комуникација значи дека продавачот и потенцијалниот купувач веќе оствариле одредена средба, но таа не резултирала со нешто конкретно. Затоа, продавачот повторно се навраќа на овие контакти со цел повторно да соработуваат.