Што е cross selling, а што up selling?

783

prodazba-prodava-pexels

Фото: Pexels

Совладување на техниките за продажба се мошне важен чекор кон успешна реализација на секој продавач. Cross selling или вкрстена продажба може да им послужи на продавачите на своите клиенти да им понудат комплементарни производи или услуги од нивната компанија. Up selling, пак, е техника којашто на клиентите им нуди поголем квалитет на постоечките услуги.

Cross selling

Продавачот во оваа ситуација треба да умее да ја препознае и поврзе потребата за дополнителен производ или услуга, откако купувачот ќе го избере примарниот производ / услуга. На пример, доколку на клиентот му се продава автомобил, со помош на cross selling може да му се понуди сервис, осигурување или дополнителна опрема. Техниката се темели на веќе купен производ, а задача на продавачот е да создаде лојалност во очите на купувачот и да ја намали веројатноста дека ќе побара производ или услуга од конкурентите.

Cross selling обезбедува поголеми приходи за компанијата преку зајакнување на мрежата на клиенти. Голем број истражувања покажуваат купувачите сакаат кога добиваат дополнителни производи или услуги со веќе купените, бидејќи на тој начин продавачот покажува високо ниво на свесност за нивните потреби и се грижи за нивно задоволство.

Up selling

Продавачот, користејќи ја up selling техниката, се обидува да продаде што е можно поскап производ или некој скап додаток за да обезбеди поголем прилив на средства во компанијата. Оваа продажна техника подразбира рекламирање на производ или услуга што е поисплатлива за продавачот или може да биде само претставување на опција за којашто купувачот не бил свесен. На пример, продавач во салон за бела техника може да препорача производ што е поскап, а ги има скоро истите карактеристики како и некој што има пониска цена. Во таков случај, купувачот би размислувал така што доколку инвестира во поскап уред, ќе може подолго да го користи одошто оној што е поевтин.

Up selling подразбира поголема продажба или остварување повисок профит за продавачот од оригиналната намера на купувачот.