Што е друштво со ограничена одговорност?

4354

kompanija-pexels

Фото: Pexels

Друштвото со ограничена одговорност (ДОО) претставува најраспространет облик на друштво, основано од едно или повеќе лица. Еден од главните белези на овој вид на друштва е тоа што има мал капитал и мал број на членови, па често пати може да биде во форма на семејно претпријатие. Исто така, ваков вид на друштво може да формира и управува поединец, со што ќе претставува друштво со ограничена одговорност едно лице – ДООЕЛ.

Според Законот за трговски друштва, ДОО може да има најмногу 50 содружници. Основната главнина се состои од збирот на влоговите на содружниците. Таа не може да биде помала од 5.000 евра во денарска противвредност. Износот на основната главни мора да биде изразен со цел број делив со 100. Влогот на секој од содружниците може да биде во парична или непарична форма, а поединечно не може да биде помал од 100 евра.

Меѓу основните права на содружниците што ги пропишува законодавецот се: учество во управувањето со друштвото; учество во распределбата на добивката; да биде информиран за работата на друштвото; да врши увид во книгите и другите документи на компанијата; има право на дел од остатокот на ликвидационата, односно стечајната маса. Доколку компанијата оствари добивка, истата се дели меѓу содружниците сразмерно на нивните удели во друштвото.

Друштвото со ограничена одговорност може да престане со работа по неколку основи: истек на времето определено во договорот, одлука на содружниците, присоединување, спојување или поделба на друштвото, стечај или одлука на судот.