Што е еднорог?

1275

Фото: Pixabay

Еднорог (eng. Unicorn) претставува поим што во последните години се користи во технолошката индустрија за стартапи и нови компании чија вредност се проценува на повеќе од една милијарда долари.

За прв пат овој поим се појави во 2013 година и опфаќа нови софтверски компании чија вредност надминува една милијарда долари. Не е лесно да се направи проценка на вредноста на компанијата. Една од важните елементи за проценување на вредноста се очекуваните приходи во иднина, односно заработката на компанијата во одреден временски период. Кај компании кои подолг временски период работат во некоја индустрија, процесот на развој носи одреден ризик, но работи во релативно познати околности, потенцијални пазари и очекувања. Тоа не е случај со овие стартапи коишто развиваат технолошки и ИТ решенија за кои не постои 100% сигурност за пласман и успех.

Она што е карактеристично за овие компании е тоа што е многу тешко да се процени какви се нивните можности во иднина. Од нив може да се очекува галопирачки раст, но и брзо пропаѓање. Синоним за експлозивен раст се: Google, Twitter, Facebook… чија популарност достигна врв за само неколку години. Тоа може да значи и дека растот на вредноста на компанијата што работи на интернет е можен и кога пазарот и не постои.

Некои од еднорозите што го уживаат тој епитет, а му се познати на светот се: Uber, Airbnb, Snapchat, Pinterest… Но, постојат и такви што на јавноста не ѝ се познати, туку за нив добро знаат само добро упатените во бизнисот. Меѓу нив се: Infinidat, Docker, Nextdoor…

Вообичаено, во еднорог инвестираат специјализирани затворени фондови и компании што се специјализирани за таа намена. За да може да се создаде еден еднорог, неопходно е да бидат исполнети одредени предуслови: извонредна идеја; внимателно одбран тим; добра финансиска подлога; окружување; пазар и многу среќа.

Кога ќе се појави еден еднорог, тој на пазарот носи огромни промени, го менува начинот на којшто дотогаш се работело или создава сосема нови навики. На пример, Facebook го промени начинот на поврзување на луѓето ширум светот, а со него се отвори и терминот социјални мрежи или медиуми. Исто така, Skype создаде сосема нов начин на комуникација меѓу луѓето или Uber што воведе нови критериуми во превозот.

Од сето ова се наведува прашањето дали во Македонија е можно создавање на ваков старт – ап тежок над милијарда долари? Можеби во скоро време потешко, но никогаш не треба да се губи надеж, туку да се даде целосна и несебична поддршка на млади стартапи и нивни идеи кои еден ден ќе го променат или подобрат нашето секојдневие.