Што е greenwashing?

182

Добар знак е што голем број компании своите производи ги обележуваат како “зелени, еколошки или здраво“, па може да се смета дека се работи за еколошки освестени компании што внимаваат на своето влијание врз животната средина, но проблем е тоа што скоро 95% од тие ознаки се лага или манипулација за да се допре до повеќе купувачи.

Greenwashing претставува термин што е инспириран од идејата за whitewashing, што подразбира додавање свежа бела боја на надворешна површина со цел да се прикријат недостатоците и да се создаде лажен впечаток на ново или чисто. На тој начин, се “замачкуваат“ недостатоците и се доведуваат луѓето во заблуда.

Според организацијата Greenpeace, greenwashing е чин со којшто се доведуваат купувачите во заблуда во поглед на еколошката одговорност на компанијата или еколошка корист за нејзините производи и услуги. Со други зборови, купувачите стекнуваат погрешен впечаток или добиваат погрешни информации околу еколошката вредност на производот или брендот.

Како луѓето стануваат сè повеќе еколошки свесни, така се зголемува и потребата на компаниите да информираат за нивните еколошки активности, производи, планови…

Компаниите решаваат да посегнат по greenwashing поради неколку причини: зголемена побарувачка за еколошки прифатливи производи; зголемено производство и продажба на таков вид на производи; голема државна поддршка за таков вид на производство и продажба; полесен маркетинг.

Да се тврди дека некој производ е “зелен“ потребно е да се приложат евидентни докази коишто ќе го потврдат неговиот еколошки импакт врз околината и здравјето на луѓето.

Една компанија да го декларира својот производ како “зелен“ без притоа да прикаже докази за тоа, може да се смета како типичен greenwashing. За да се докаже компанијата дека е навистина таква и да се одвои од “морето“ измамници на пазарот, потребно е да има потврди и сертификати, да користи обновливи извори на енергија, да создава нула отпад, да ја намали емисијата на штетни гасови и други важни параметри за животната средина.

Фото: Pexels