Што е медијација?

217

Медијација претставува постапка за решавање на спор на алтернативен начин, во којашто страните настојуваат доброволно да го решат спорниот однос со помош на еден или повеќе медијатори (посредници) по пат на преговарање.

Целта на процесот на медијација е преку договарање и преговарање да им се помогне на двете страни да постигнат заедничко решение и да дојдат до договор што ќе ги реши нивните спорни односи и ќе биде прифатливо за сите.

За какви спорови е погодна медијацијата?

Медијацијата најмногу е погодна за решавање на имотно – правни спорови; семејни; економски и управни, како и во спорови од областа на заштита на животната средина; потрошувачки и прекугранични спорови; работни и спорови со помала вредност.

Со помош на медијацијата засегнатите страни сами доаѓаат до решение, што ја зголемува можноста за постигнување и спроведување на она што е договорени.

Предности на медијацијата

Сите мислења и вредности на страните се земаат во предвид, а медијацијата создава позитивна атмосфера и помага во изградба на подобри односи меѓу засегнатите страни. Овој вид на решавање на спорови е побрзо и поефикасно, бидејќи може да се дојде до решение за неколку дена или недели. Медијацијата, исто така, е поевтина во однос на судското решавање на споровите. Меѓу останатите предности на медијацијата се и тоа што таа е:

  • Доверлива
  • Непристрасна
  • Доброволна
  • Помалку стресна
  • Помалку формална

Улога на медијаторот

Медијатор или посредник е физички лице кое на независен и непристрасен начин посредува меѓу двете страни. Според законот, лиценца за медијатор се издава на лице кое ќе го положи испитот за проверка на теоретските познавања и практични вештини на медијацијата. Издадената лиценца важи пет години и истата може да се продолжи или одземе во зависност од резултатите од евалуацијата на квалитетот на работата на медијаторот.

Медијаторот нема улога на судија – тој не носи одлуки, туку само го води процесот, додека страните сами го контролираат крајниот исход од спорот. Задача на посредникот е да го олесни процесот на преговарање, со помош на користење на различни методи и вештини. Доколку страните успеат да го решат спорот, медијаторот им помага во подготовка на договор.

Фото: Freepik