Што е мисија, а што визија на една компанија?

4432

Фото: Pixabay

Мисијата одговора на прашањето зошто постои една компанија, додека визијата покажува кон што цели истата. Визијата го покажува пиедесталот кон кој што цели компанијата, а мисијата ја покажува патеката по којашто треба да се движи за да стигне до посакуваната цел.

Мисијата претставува еден од основните делови на бизнис планирањето и основа за градење успешен бизнис план. Таа дава одговор на прашањето зошто една компанија се наоѓа на пазарот. Иако изгледа едноставно, одговорот на ова прашање бара внимателно размислување за производот или услугата што се нуди, целни групи на потрошувачи, по што се разликува од конкуренцијата и што сака да постигне компанијата во иднина. За да може да се дефинира мисијата, сопственикот или менаџерот со својот тим треба да одговорат на овие прашања:

  • Што работите?
  • Кои производи и услуги ги нудите?
  • Каков проблем или потреба задоволуваат производите и услугите што ги нудите?
  • Која е ваша целна група на потрошувачи?
  • Кои сегменти од пазарот ги покривате?
  • По што сте различни од конкурентите?
  • Каде ја гледате вашата компанија во иднина?

Од друга страна, визијата претставува проектирана слика за иднината на компанијата, односно идеална позиција на која таа би се нашла во следните 10 – 15 години. Таа претставува опис на најопштите цели што компанијата сака да ги оствари.