Што е монетарно таргетирање?

132

Фото: Pexels

Монетарно таргетирањe претставува стратегија на монетарната политика, во којашто контролата на инфлацијата се спроведува посредно, преку контрола на движењето на монетарните агрегати. Стратегијата на монетарно таргетирање се заснова врз основната поставка на монетаризмот – постоењето прецизна и стабилна врска помеѓу парите и цените.

Верувањето за стабилноста на оваа врска почива врз уште една монетаристичка поставка – постоењето стабилна и предвидлива побарувачка на пари, односно константна брзина на оптек на парите. Притоа, постоењето на стабилна и предвидлива врска помеѓу парите и цените е потребен, но не и доволен услов за примена на монетарното таргетирање.

За да може да се контролира инфлацијата со посредство на монетарните агрегати, потребно е да биде задоволен уште еден услов – централната банка да има цврста контрола врз движењето на монетарните агрегати. На тој начин, монетарното таргетирање е поврзано со уште една монетаристичка поставка – верувањето дека понудата на пари е целосно определена од централната банка.

Ако се задоволени овие две претпоставки, таргетирањето на монетарните агрегати обезбедува прецизна контрола на инфлацијата. Тогаш, монетарното таргетирање се сведува на два чекора: прво, врз основа на посакуваната стапка на инфлација се проектира стапката на монетарен растеж и второ, со помош на инструментите на монетарната политика се обезбедува потребниот монетарен растеж.

Стратегијата на монетарно таргетирање ги има следниве предности:

  • Монетарните агрегати (посебно потесните) лесно и брзо се контролираат од страна на централната банка;
  • Монетарните агрегати се мерат прецизно и со мало задоцнување;
  • Монетарните агрегати се познати за јавноста, така што тие веднаш даваат сигнали за насоката и намерите на монетарната политика, т.е. се зголемува транспарентноста на политиката;
  • Со следење на остварувањето на монетарните таргети, се зголемува одговорноста на централната банка;

Голема предност на оваа стратегија е што таа не ја ограничува можноста за водење самостојна, независна монетарна политика.