Што е паладиум и зошто му е “лут“ конкурент на златото?

802

Фото: Pixabay

Благородните метали, како што се злато, сребро, платина…, се одликуваат со извонредни физички својства, со што стануваат неопходни во современата индустрија. Овие метали низ историјата покажале дека имаат моќ да ја задржат сопствената вредност во текот на различни временски периоди и различни економски турбуленции, со што се сигурна алатка за вложување на долг рок.

Паладиумот е еден од тие благородни метали коишто во текот на минатата година достигна вредност што го надмина златото. Овој метал најмногу се употребува при изработка на накит, часовници, во стоматологијата, ленти за тестирање на шеќер во крвта и за изработка на хируршки апарати. Исто така, паладиумот се користи и во авиоиндустријата, како и за изработка на музички инструменти.

Традиционална примена на паладиумот е во автомобилската индустрија бидејќи се вградува како катализатор со цел да ја контролираат емисијата на издувни гасови. Околу 70% од побарувачката за паладиум доаѓа од светските производители на автомобили.

Од друга страна, повеќе од 80% од глобалното производство на паладиум доаѓа како нус производ од рудниците за никел во Русија и рудникот за платина во Јужна Африка.

Причината за зголемување на цената во однос златото, според аналитичарите, е поради намалените резерви и зголемената побарувачка. На крајот на март достигна околу 1.600 долари за една унца.

Паладиумит беше во центарот на вниманието на инвеститорите, бидејќи податоците укажуваат на структурен дефицит од овој метал предизвикан од растечката побарувачка од страна на автомобилската индустрија. Поради тоа, цената на паладиумот надмина 1.500 долари за унца, со што стана поскап од златото. Од средината на август минатата година, цената на паладиумот порасна за 80%. Цената на паладиумот само во 2019 година порасна за околу 25%.