Што е поисплатливо: Да се купи или да се “рента“ недвижнина?

344

Без разлика дали станува збор за сопствен дом или деловен простор за својот бизнис, едно прашање се провлекува – што е поисплатливо? Дали да се инвестира во сопствен недвижен имот или да се земе под наем?

Колку долго ќе го користите имотот?

Првото прашање на коешто треба да си одговорите, за да го олесните и стеснете изборот е колку долго планирате да останете во станот, градот или канцеларијата. Ако имате долгорочни планови, во тој случај поисплатливо е да инвестирате во сопствен стан или деловен простор. Но, ако за некоја година планирате проширување на семејството или бизнисот или можеби кроите план за селење во друг град/држава, тогаш почнете со пребарување на она што се нуди за изнајмување.

Со колкав буџет располагате?

Доколку сте постојано вработени, имате лична заштеда или друг прилив на финансии, тогаш можете самостојно или со кредит да го финансирате купувањето на станот или деловниот објект. Но, ако сè уште немате решение за неопределено време, имате други кредити за отплата, во тој случај попаметно е да изнајмите простор.

Која локација е најсоодветна?

При изборот на недвижен имот, локацијата има голема улога, но е и фактор што ја зголемува или намалува цената. Па така, ако поради обврските или начинот на живот имате потреба да сте во центарот на градот, треба да знаете дека недвижнините таму се поскапи. Доколку сакате посмирена средина, цената на таквите недвижнини е пониска, а периферните места од градот се одличен избор во таков случај.

Како да знам дека одлуката што ја носам денес, ќе се исплати и утре?

Прашање на коешто никогаш не може да се даде конкретен одговор, бидејќи никој не знае што носи иднината. Но, сепак пред да донесете било каква одлука, размислете добро. Ставете ги на хартија сите предности и недостатоци (на купувањето или изнајмувањето недвижнина), побарајте мислење од блиски, луѓе со искуство или професионалци во таа област што ќе ви укажат на тоа што е поисплатливо во вашата ситуација. За многумина инвестирањето во сопствен недвижен имот е стратегија за цел живот, но други пак веруваат дека не треба да се врзете за едно место или да “заглавите“ со долгови што не можете да ги исплатите.

Фото: Pixabay