Што е team building?

611

tim-bilding

Фото: Pixabay

Човечките ресурси се најважниот фактор за успех и развој на една компанија на долг рок. Како што е неопходно постојано да се следи технологијата и да се инвестира во нова опрема, исто толку е важно постојано да се вложува и во човечкиот капитал.

Квалитетната тимска работа е основа за успех без оглед на видот, големината, целите и пазарот на којшто е присутна компанијата. Во современи услови, успешните компании се разликуваат од неуспешните по силата на тимот и енергијата што владее меѓу вработените на сите нивоа. Оние кои припаѓаат на силен и квалитетен тим имаат сличен систем на вредности, меѓусебниот однос се базира на доверба и почит, комуникацијата е едноставна, брза и насочена кон остварување на целите на компанијата за да може да се постигнат подобри резултати во корист на сите. Но, за да се постигне овој стадиум на функционалност на тимот, потребно е многу работа. Еден од начините да се постигне кохезија и синхронизација на тимот е негово градење (team building).

Team building за развој на чувство на припадност на вработените кон компанијата

Оваа техника за прв пат се појавува на почетокот на 80-тите години од минатиот век во САД. Огромен е бројот на компании што имаат ваква пракса за своите вработени, додека кај нас овој тренд полека продира во последните години.

Team building се користи како средство за воспоставување и развој на соработка меѓу колегите, а целта е да се развие чувство на припадност кон компанијата во која работат. Градењето на тим опфаќа најразлични едукативни, рекреативни и забавни активности со кои се осознаваат и подобруваат меѓусебните односи.

Менаџерите, претприемачите или сопствениците на компаниите, доколку сакаат успех и развој на долг рок, не смеат да ја занемарат атмосферата што владее во просториите каде секојдневно работат нивните вработени. Преку градење на тимот, компанијата има повеќе бенефити: подобрување на комуникацијата; подобро меѓусебно спознавање и разбирање; зголемување на мотивацијата; подобро разбирање на визијата и целите на компанијата; истакнување на важноста на секој индивидуален придонес кон целиот колектив; споделување искуства; учење на добрите страни и слабостите; зголемување на продуктивноста и ефикасноста; зголемување на лојалноста на вработените…

Team building вежби и техники

Компаниите најчесто ангажираат консултантски компании што се специјализирани за организирање вакви настани, бидејќи имаат искуство и знаат што точно им е потребно на одредени компании земајќи ја во предвид фактичката состојба на компанијата (на кое ниво на развој е, со какви предизвици се соочува, што недостасува, што е голема предност, кои се извори и причини на конфликти, како се решаваат…)

Team building активностите може да се организираат во самата компанија или на некоја поинаква локација надвор или во пријатен затворен простор. Временски може да бидат ограничени на еден или повеќе денови, во зависност од целта којашто треба да се постигне. Во тој период, најважно е разумно и правилно да се искористи заеднички поминатото време. Постојат повеќе вежби и техники за градење на тимот, преку кои се постигнуваат одлични резултати.

Расипан телефон

Членовите на тимот седат еден до друг, а координаторот на групата ја дошепнува пораката на првиот член од тимот. Пораката, преку сите членови, треба да стигне до последниот во низата кој треба на глас да ја каже. Онаа група којашто најточно ќе ја изговори пораката е победник и добива некоја симболична награда.

Цртање зад грб

Во оваа игра, групата се дели по двајца членови, кои седат еден спроти друг завртени со грбот. Еден од нив на глас ги кажува упатствата за цртање, а другиот тоа треба да го пренесе на хартија. Вежбата бара добра комуникација и толкување на зборовите на другите членови од тимот. Успехот на играта зависи од тоа колку добро и синхронизирано е нацртан цртежот.

Јазол

За оваа игра се формира круг од 10 до 12 луѓе, така што двајца по двајца се завртени еден кон друг. Потребно е секој со својата десна рака да ја фати десната рака на тој што е пред него, а со левата рака да ја фати левата рака на тој што е, исто така, до него. Секој од играчите треба да се претстави, држејќи се раце. Во ниту еден момент рацете не треба да се отпуштат, а кога треба да се ослободат едни од други, ќе мора да го кажат името на тој член чија рака ја пуштаат. Играта има за цел членовите полесно да ги научат имињата, да соработуваат и пронајдат заедничко решение, бидејќи нивната комуникација е попрецизна кога користат имиња.