Фото: Pixabay
Оваа реченица си има своја историја и, за жал, погрешна перцепција. Порано, истава реченица беше малку поширока (ШТО Е МОЕ И ТВОЕ Е, ШТО Е ТВОЕ И МОЕ Е) и развиваше еднаквост меѓу сите и чувство на заедништво, но одредена група на луѓе ја употребија за сопствено богатење, така што сега предизвикува огорчување кај луѓето.
Бидејќи тоа бреме сè уште не нè напушта или ние не сакаме да го напуштиме, нејзината смисла ја земаме најдобронамерно, па идејата е да почнеме да ја гледаме добронамерно. Да ја гледаме од перспектива на:
НЕ ПРАВЕТЕ ГО ОНА ШТО НЕ САКАТЕ ДА ВИ ГО НАПРАВАТ ВАМ
Да правиме работи кои сакаме да бидат направени за нас, да правиме работи како што ги правиме дома, на работа и да почнеме да ги менуваме работите од нас.
- Јавни тоалети – не влегуваме во нив затоа што се запоставени и уништени – е, па ние сме ги уништиле. Кога сме во нив не се однесуваме како кон нашите тоалети дома. Ако би се однесувале така, нема да бидат во таква форма како што се сега. Не зборувам само за јавните тоалети, туку и за тоалети во кафеани, кафулиња, ресторани итн. Во нив се однесуваме – после мене потоп. Не ми е гајле за тој/таа после мене.
- Сообраќај – застануваме и се паркираме каде што сакаме, а ни пречи кога некој друг се паркирал така. Почнете да се паркирате како што би сакале другите да се паркираат и едуцирајте ги другите.
- Редица – не нервира кога некој некаде ќе отиде преку ред, а кога ние го правиме тоа, тогаш е во ред. Намалете го бројот на одење преку ред, затоа што понекогаш и каде не треба, го имплементираме истото.
- Јавни објекти – кршиме столици, уништуваме ѕидови и тоалети, се однесуваме несоодветно кон предметите итн., дома или на други места не го правиме тоа, а ако некој го направи се згрозуваме. Да не зборувам за клупите во парковите или, пак, кантите за отпадоци. Сите се испокршени. Сигурно не се испокршени онака, туку некој од нас ги искршил. А дома се е средено и нескршено. Епа како дома, така и во парк!
- Смет – и да има и да нема во наша близина канта, фрламе смет каде што стигнуваме (на улица, парк, плоштад, тревник итн.), а дома само во канта. Е, па ако дома е во канта, без оглед дали има канта или не, отпадот на јавно место треба да биде во канта.
- Бучава – кога сме со пријатели, правиме бучава и се лутиме ако некој ни пререче, а кога сме сами или фамилијарно, ни пречи кога некој прави бучава. Е, па немојте да правите и вие бучава.
- Однесување – не сакаме кога се однесуваат кон нас несоодветно, а понекогаш ние се однесуваме несоодветно. Се однесуваме несоодветно кон луѓето во одредени ситуации (продавница, шалтер итн.), а кога кон нас се однесуваат така во некоја друга ситуација, не ни се допаѓа. Ајде да се однесуваме кон другите како би сакале да се однесуваат кон нас. Не велам да не се буните за своите права, но несоодветни однесувања не се потребни.
Ајде да не правиме работи кои сакаме нам да ни бидат направени. Ајде да почнеме да менуваме од нас самите и бидете сигурни дека тоа ќе влијае и врз другите и врз најблиските.
Со успех во промените.