Што ја кочи преселбата на Стопанска банка АД Скопје од ГТЦ?

254

Од најавената преселба на дирекцијата на Стопанска Банка АД Скопје за сега нема ништо. Преговорите, новото седиште на Банката да биде во луксузниот Бизнис центар – Настел, се ставени во мирување, а во меѓувреме објектот се издава на друг субјект.

Концептот на трампа според кој старите простории на Стопанска Банка АД Скопје ќе ги добие фирмата Настел, а Банката ќе се пресели на улицата Максим Горки во близина на италијанската амбасада, во пракса се покажа невозможен, од проста причина што не е регулирана сопственоста на земјиштето под банката и околу објектот.

“Навистина се водени многу преговори помеѓу Настел ДОО Скопје и Стопанска Банка АД Скопје, меѓутоа до конечен договор сеуште не сме дошле. Точно е дека се преговара за трампа со доплата на значителен износ на пари, меѓутоа објектот на Стопанска банка АД Скопје ја нема регулирано сопственоста на земјиштето кое нешто наскоро сметаме дека ќе се реши“, велат од Настел ДОО за Локално.

Во преговорите за двете атрактивни локации, цената останува деловна тајна. Од Стопанска банка АД нема одговор на прашањата на Локално во кои насоки се воделе преговорите, а пред сè нема став околу дилемите на кој начин би се решиле имотно правните односи.

Многу поконкретни се од ГТЦ. Директорот Ѓоко Трајчевски вели дека земјиштето е сопственост на Р. Северна Македонија, но не дава детали околу тоа колкав е делот со кој стопанисува ГТЦ, дали тој простор може да се отуѓи, продаде или да биде предмет на трампа.

“Земјиштето под Стопанска Банка А.Д. Скопје е земјиште кое е во сопственост на Република Северна Македонија и на истото ГТЦ А.Д. – Скопје има право на користење. Во однос пак на Вашите информации дека Стопанска Банка А.Д. Скопје ќе се сели во бизнис центарот на Настел, за истите немаме никакви сознанија, ниту пак сметаме дека е потребно од наша страна да навлегуваме во нивните деловни односи. Без да навлегувам во непотребни детали единствено би истакнал дека од наша страна не се водат никакви преговори, туку дека и ГТЦ А.Д. – Скопје моментално е во тек на запознавање со оваа ситуација. По запознавањето со истата и, доколку е потребно, по изнаоѓањето на соодветно решение согласно позитивните законски прописи, а во соработка со нашиот основач, ќе бидете навремено известени“, вели Трајчевски.

Локално за можното преместување на седиштето на банката пишуваше уште во септември. Првично се говореше дека во Бизнис центарот ќе се пресели само Дирекцијата, но не и трезорот.

Од компанијата Настел сега информираат дека предмет на преговори меѓу нив и банката била целата површина на Бизнис центарот од 14.500 метри квадратни колку што се впишани на имотниот лист на Настел.

Овој објект е лоциран во строгиот центар на Скопје, на местото на старата печатница Гоце Делчев која беше урната во 2010 година а изградбата почна десет години подоцна.

Во очекување на било каков став од Стопанска Банка АД Скопје, остануваат дилемите во јавноста за која намена бизнисменот Зоран Азманов би го користел просторот во ГТЦ кој банката со децении го користи.