Што ќе биде со 1.080 менувачници во Хрватска: 86 отсто од нивниот бизнис бил промет со еврото

119

Влезот на Хрватска во еврозоната не им се допадна на сите граѓани на оваа земја. Иако воведувањето на еврото како официјална валута во оваа земја со себе носи голем број поволности, сепак има голем број од оние кои немаат корист од оваа одлука.

Меѓу најпогодените од оваа одлука секако се сопствениците на менувачници, чиј бизнис во голема мера се базираше на промена на куните во евра.

По воведувањето на еврото во новата година, доаѓаат „тешки времиња“ за голем број менувачници, од 1.080 регистрирани во таа земја според податоците на Хрватската народна банка (НNB).

Како што пишува Јутарњи лист, повеќето од сопствениците на менувачниците со кои разговарале предвидуваат дека само пет до десет отсто од филијалите би можеле да продолжат да работат во Хрватска. Според податоците на НNB, сега во Хрватска има 1.080 овластени менувачи на пари, на кои централната банка им издала одобрение за вршење менувачници, а заедно имаат околу 3.500 филијали и вработуваат над 10.000 луѓе.

Од НNB наведуваат дека неколку десетици менувачи досега ги информирале дека не планираат да продолжат со работа во 2023 година.

Причината поради која може да дојде до големо затворање на менувачниците е тоа што 86 отсто од нивниот бизнис е со еврото, околу 6 отсто со американскиот долар и околу 5 отсто со швајцарскиот франк. Податоците на НNB велат дека во ноември 2022 година овластените менувачници купиле евра готовина во износ од 108,2 милиони евра и ги продале во износ од 88,5 милиони евра.