Што нè прави посреќни, слободното време или парите?

23

balans-vreme-pari-pixabay

Фото: Pixabay

Кога имаме пари, немаме време. Kога имаме време, немаме пари. Но, што е она што не прави посреќни на крајот на денот е прашањето на кое многумина бараат одговор.

Според едно ново истражување, слободното време е повеќе ценето од парите, пишува Business Insider.

За потребите на студијата, објавена во весникот Social Psychological and Personality Science, истражувачите ги разгледувале овие два параметри кај неколку различни групи на луѓе, како студенти во еден канадски колеџ, посетители на канадскиот музеј и група возрасни Американци. Во истражувањето учествувале вкупно 4.600 луѓе.

Во серија експерименти научниците ги прашувале испитаниците да одберат помеѓу две опции, на пример: Дали ќе одберете поевтин индиректен лет или поскап лет со директна линија? Дали ќе се запишете на додипломска програма што нуди поскапо платена работа со подолго работно време или ќе одберете таква што нуди помала плата за скратено работно време?

Учесниците во истражувањето одговарале и на неколку прашања во врска со среќата. Според резултатите, испитаниците биле речиси поделени во однос на тоа дали повеќе ги вреднуваат парите или времето, но луѓето што му дале приоритет на слободното време биле посреќни.

Сепак, сè уште не е сосема јасно дали вреднувањето на времето повеќе од парите е директно поврзано до среќата кај луѓето – можеби на посреќните луѓе приоритет им е слободното време.

Исто така, не може со сигурност да се каже зошто ставањето на слободното време пред парите е поврзано со поголема среќа, но истражувачите имаат неколку идеи.

На пример, оние што повеќе го ценеле времето, работеле помалку часови. Веројатно тие поминувале повеќе време на активности во коишто уживале, како дружење со пријателите или вежбање, од причина што помалку работеле.

Ако треба да се донесе некаков заклучок од истражувањето, може да се каже дека парите се потребни, но најверојатно, не можат да купат среќа.