Што ѝ носи вонредната состојба на земјава?

177

Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Постоењето на вонредна состојба на територијата на Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници, стои во членот 125 од Уставот на земјава.

При постоење на воена или вонредна состојба, како што стои во членот 126 од Уставот, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

Попладнево претседателот Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба на територијата на целата земја, поради ширење на коронавирусот. Вонредната состојба е прогласена по предлог на Владата поради справување со ситуацијата со вирусот.

“Во деновите пред нас, бидете дисциплинирани и одговорни пред себе си, пред своите најблиски, особено бидете одговорни и помагајте им на нашите повозрасни граѓани и граѓаните со хронични заболувања. Не излегувајте од дома без позначајна потреба. Следете ги информациите од надлежните органи и институции и доследно почитувајте ги нивните препораки. Во оваа прилика, сакам посебно да им се заблагодарам на сите ангажирани здравствени работници, полицајци, војници и волонтери, кои изминативе недели вложуваат навистина натчовечки напори да им помогнат на граѓаните погодени од болеста“, рече претседателот во своето обраќање.

Тој упати апел до сите граѓани на нашата заедничка и единствена татковина, да бидеме смирени, да бидеме одговорни и да бидеме солидарни еден кон друг.

“Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Оттаму, има правен основ (со правна сила на уставен основ) за прогласување на вонредна состојба заради погоренаведените причини, односно исполнето е битието на одредбата за прогласување на вонредна состојба – состојба на епидемија со оглед на сè поголемите размери кои заразата ги добива, односно достигнува размери на епидемија. Дополнително, потребата од прогласување на вонредна состојба во моментов произлегува од потребата да се обезбеди институционалната инфраструктура за справување со оваа состојба. Имено, ширењето на КОВИД-19 заразата се појави во време кога Република С.Македонија е донесена одлука за организирање на предвремени избори, односно Собранието е самораспуштено и функционира таканаречена техничка влада. Мерките кои властите ги преземаа за справување со ширењето на КОВИД-19 заразата се соодветни и навремен и мора да се пофали начинот на справување со оваа состојба. Така, прогласувањето на вонредна состојба не е директно поврзано со засилување на мерките за справување со ширењето на заразата, туку е поврзано со оние мерки кои треба да се преземат за справување со последиците од ширењето на заразата, првенствено економски“, вели Леа Огњаноска, докторанд на Правниот факултет Јустинијан Први – Скопје, за порталот Локално.

Според нејзе, прогласувањето на вонредна состојба не значи суспендирање на правниот систем/правниот поредок на државата, ниту самата по себе значи стапување во сила на некакви “вонредни мерки“, туку значи правно уредување на состојбата, супсумирање на фактичката состојба под одредени правни правила со цел давање основа за натамошно постапување и делување.

Последните податоци на Министерството за здравство покажуваат дека вкупниот број на заболени во земјата изнесува 35.

“Во однос на денешниот предлог од Владата упатен до Собранието односно Претседателот на Република Северна Македонија за прогласување вонредна состојба, истакнав дека во рамки на здравствениот сектор, практично од крајот на јануари се функционира во една вонредна состојба со: поставување пунктови на граничните премини со подготвеност за препознавање на овие пациенти, со спроведување соодветни протоколи за мониторинг за лекување на Клиниката за инфективни болести, а со оваа вонредна состојба со ингеренциите кои и се даваат на Владата дополнително ќе се помогне во спроведување и евентуално заострување на некои од мерките“, стои на официјалниот Facebook профил на министерот за здравство, Венко Филипче.

Фото: Pexels