Скијачки патеки, системи за вештачки снег, сместувачки капацитети, паркинзи, ски-лифтови, жичари, угостителски објекти, како и планинарски домови, предвидува планот за развој на ски-центарот Попова Шапка, што денеска на прес-конференција го претстави компанијата „ТехноАлпин“, а е одобрен од Владата. Станува збор за инвестиција вредна над 180 милиони евра.
Инвестицијата треба да се реализира почнувајќи од 2023 година и ќе се спроведува во шест инвестициски фази, од кои првата изнесува речиси 55 милиони евра.
Претставникот на компанијата „ТехноАлпин“ Немања Џого истакна нивната цел е да привлечат повеќе туристи на Попова Шапка.
Тој посочи дека планираат да направат нови 16 скијачки патеки.
– Ако се развиваат нови ски патеки тогаш мора да да имаме и нови ски лифтови и нови жичари.
Вкупно сакаме да изградиме девет нови жичари, а на почетокот би направиле две од нив.
Во правата фаза би ги изградиле системите за вештачки снег, тие се навистина многу важни, сакаме тие да бидат целосно автоматизирани и да бидат поврзани со нашиот софтвер. Тоа е многу важно за ски-центрите затоа што планираме да работиме повеќе од 100 дена на Попова Шапка, а ако сакаме да го направиме тоа тогаш ни требаат системи за правање на вештачки снег за да можеме да гарантираме отворање на сезоната на почетокот на декември и затворање на крајот на март, истакна Џого.
Тој додаде дека исто така е потребна и набавка на ратраци. Во рамки на цела инвестиција се планирани седум нови ратраци, а во првата фаза планирана е набавка на два, пренесува МИА.
– За да правиме снег потребни ни се резервоари за вода, би инвестирале во два резервоари и за зимската сезона би ги користиеле за правање вештачки снег, а во летото ќе ги користиме како летни атракции, рече претставникот на „ТехноАлпин“.
Тој нагласи дека сакаат да инвестираат и во крос-кантри скијање и дека планираат да изградат 15 километри нови стази за крос-кантри.
– Важно е на клиентите да им се дадат повеќе можности за искористување на планината. Во првата фаза сакаме да изградиме два нови спа-хотели со четири ѕвезди, а вкупно да бидат четири во целиот проект, а сакаме да ги искористиме и постојните хотели. Исто така би имале и викендици, важно е за нас да ги имаме овие викендици и тие да бидат блиску до ски-центарот, сакаме да ги имаме тие стази за почетници коишто ќе бидат блиску до овие викендици. Исто така сакаме и два планинарски домови со 160 места. Би имале и пицерија, но изградба и на ресторан каде што ќе може да се зема храна за носење. Предвидени се и паркиниг места коишто сега ги има недоволно. Планираме три нови паркинзи како и улици коишто ќе водат до новите хотели, информираше Џого.
Тој додаде дека важно е тоа туристичко место освен во зимската сезона, да се користи и во летната, па поради тоа планираат да инвеситираат и во изградба на алпски жичарници кои што ќе бидат блиску до езерата како и во нови велосипедски патеки.
– Првата фаза е могу важна за нас, планираме да го изведеме тоа во периодот од 2023-2028 година, а потоа имаме уште шест фази, со што вкупно се седум фази за да се реновира целиот ски-центар Попова Шапка. Ќе имаме поврат на средствата само ако можеме да гарантираме повеќе од 100 денови за скијање, ако не ја достигнеме таа бројка тогаш може да го заборавиме повратот, тоа нема да функционира, нагласи Џого.











