Што се incentive патувања?

142

Incentive на англиски јазик значи поттик или мотивација. Станува збор за патувања коишто ги плаќа работодавачот, со цел да ги охрабри вработените полесно да ги совладаат предизвиците во компанијата. Најчесто се користат за да ги поттикнат вработените повеќе да го продаваат производот или услугата што ја нуди компанијата.

Во теоријата постои и дефиниција што вели дека incentive патувањата се алатка во рацете на менаџерите кои го користат доживувањето на тоа патување со цел да ги мотивира или да им даде признание на вработените за сработеното и постигнатиот успех.

Освен тоа, овие мотивирачки патувања се користат од страна на компаниите за да им се укаже благодарност и на долгогодишни партнери, соработници, клиенти и лојални купувачи со цел да се наградат за она што го направиле за нив и да ги мотивираат да ја продолжат соработката.

Постојат најразлични начини со кои менаџерите можат да ги пофалат или мотивираат своите вработени, како што се бонуси, подароци, платени викенди, заеднички забави, но еден од поефикасните начини се токму мотивирачките патувања. Тие оставаат многу посилен и долготраен впечаток. За да се постигне посакуваниот ефект, треба да се одбере соодветна дестинација, препорачливо тоа да биде место коешто дотогаш никој не го посетил. Заедничкото патување на некоја атрактивна дестинација заедно со програма за посета на некои знаменитости, крстарења, забави… и тоа како ќе ја зголеми лојалноста на соработниците и мотивираноста на вработените.

Иако се работи за голем трошок, сепак компаниите коишто имаат буџет за таа намена, не треба да се двоумат, бидејќи ефектот од патувањето ќе биде голем. Податоците велат дека по враќање од incentive патување, кај над 60% од вработените се забележуваат подобри резултати, повисока продажба, пораст на желбата и мотивираноста кај вработените, лојалност на клиентите и унапредување на тимската работа.

На крајот, мотивираниот тим е само чекор поблизу до решавање дури и на најтешките предизвици со помалку главоболки и трошоци. Од таа причина трошоците за мотивирачките патувања се целосно оправдани и може да се очекува нивен поврат.

Фото: Pexels