Што се колачиња (cookies) и за што служат?

272

Фото: Pixabay

Отворајќи различни страници на Интернет, сигурно сте ја забележале пораката за некакви колачиња (cookies), па се прашувате за што служат.

Станува збор за мали датотеки што се поставуваат на компјутерот, вообичаено кога за прв пат се посетува некоја интернет страница. Овие интернет страници со помош на колачињата ќе можат да ги запаметат активностите на посетителот и следниот пат кога ќе ја посети истата интернет страница, таа ќе биде прилагодена според неговите потреби.

На пример, доколку посетите интернет страница за онлајн купување, колачињата може да помогнат да се “запамети“ она што е ставено во “кошничката“ за купување. Исто така, може да се користат за зачувување лозинки или податоци од некој формулар (на пример, кога се регистрирате со ваша мејл адреса или име).

Некои колачиња може да вршат и посложени задачи, да запаметат колку време корисникот поминува на одредена интернет страница, кои линкови ги кликнува.

Европската унија донесе посебна директива што се однесува на интернет колачињата, којашто има за цел да го подигне нивото на свест кај корисниците за начинот на којшто интернет страниците собираат лични информации. Од таа причина, на страниците се појавува известување за колачињата и барање согласност од корисникот.

Доколку корисникот реши да ги блокира колачињата, тој и понатаму ќе има пристап до содржината на интернет страницата, само што некои дополнителни можности нема да му бидат достапни.